ПАНОРАМА: Електричкиот концепт LeSEE го предизвикува Tesla Model S – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПАНОРАМА: Електричкиот концепт LeSEE го предизвикува Tesla Model S

Кинеската компанија LeEco претстави целосно електричен концепт кој предвидува сериски модел наменет да му се спротивстави на Tesla Model S.

На крајот на минатиот Август, ко-основачот на LeEvo – Циа Јоутинг – ја објави својата намера да претстави целосно електричен модел. Ова е автомобилот кој тој го најави и можеме да кажеме дека изгледа навистина ветувачки – но сепак мора да имаме на ум дека ова е само концепт во моментов. Тоа е седан со четири врати наречен „LeSEE“ со линија на кровот која му дава елегантен страничен профил и наместо стандардните ретровизори користи камери.

Се чини дека кровот е целосно направен од стакло и создава илузија од споено парче стакло поврзано со предниот дел преку ветробранското стакло и на задниот дел со задниот прозорец. Страничните прагови изгледаат прилично големи, а како последица вратите се прилично кратки, па влегувањето во кабината би можело да биде малку комплицирано – но сепак ова е само концепт, а до доаѓањето во сериско производство некои детали сигурно ќе претрпат измени.

lesee-concept (8)

На предниот дел доминираат поврзани светла во С-облик и недостаток на конвенционална решетка. Конфигурацијата на предните светла е пренесена и на заднот дел со задните светлосни групи, а таму се наоѓа и централен дифузер. Дизајнот е свеж и не е еден од оние „копирачки“ кинески дизајни на кои сме навикнати. Изгледа оргинално и доколку успеат да го задржат неизменет во сериското издание, би можеле да имаат победник.

Во кабината, LeEco нуди минималистички распоред без стандардни копчиња. Наместо тоа, концептот доаѓа со масивен дисплеј на контролната табла кој веројатно овозможува пристап до сите функции на автомобилот. Предните седишта се одликуваат со интересен дизајн, а позади нив се наоѓа невообичаен степенест облик за чија намера не сме баш сигурни.

lesee-concept (7)

Техничките детали се ограничени во моментов, но се чини дека концептот е прилично голем и се шпекулира дека сериската верзија ќе добие технологија на автономно возење, a забележуваме и дека концептот има задни врати кои се отвараат во спротивна насока од предните и волан кој се преклопува кога не е во употреба. Спомената е и теоретски максимална брзина од 210 км/ч, но ние сме пољубопитни да дознаеме информации за максималната автономија.

Се надеваме дека се ќе биде многу појасно при крајот на неделава кога ќе започне автомобилскиот саем во Пекинг и LeSEE ќе ја доживее официјалната премиера. Но базирано на ова што го гледаме тука и кога ќе се земе фактот дека LeEco е вклучен во партнерство со Aston Martin и Faraday Future – сметајте нè заинтригирани. Дали Кина ќе биде местото каде ќе изникне првиот вистински ривал на Tesla?



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.