full screen background image
Search

Доделени признанијата за Автомобил на Годината во Македонија за 2016

Вчеравечер на пригодна свеченост во Скопје и официјално беа доделени овогодинешните награди за Автомобил на Годината во Македонија, а титулата ја однесе Škoda Superb.

Оваа престижна награда свечено беше доделена во присуство на многубројни гости во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Носителот на престижната титула, ŠKODA Superb, годинава ги освои симпатиите на стручното жири, но одлучувачки фактор за победата беше онлајн гласањето на македонските граѓани. На гласањето спроведено преку интернет, ŠKODA Superb освои речиси двојно повеќе гласови од сите останати конкуренти во овој избор, со што заслужено ја понесе титулата „Автомобил на годината“.

skoda-coty2

„Како компанија имаме поставено за задача за нашите ценети клиенти секогаш да им го носиме најдоброто од автомобилскиот свет. Нашите автомобили секогаш биле вреднувани со највисоки награди и признанија поради нивниот врвен квалитет, дизајн и прецизна изработка. Новиот ŠKODA Superb е наша особена гордост бидејќи постави едно ново ниво, еден повисок стандард кога станува збор за перформанси и идејни решенија“ – изјави Генералниот Менаџер на Порше Македонија, д-р Златко Муцунски, кој поздравувајќи ги присутните и заблагодарувајќи се за оваа престижна награда додаде:

„Овој моќен автомобил несомнено импресионира уште при првата средба со него. Врвната технологија, прогресивниот дизајн, иновативноста и стилот совршено спакувани во еден елегантен пакет го прават новиот Superb уште помодерен и посамоуверен. Порше Македонија останува доследна на својата стратегија со врвна услуга и висококвалитетни автомобили да возвраќа на довербата на клиентите. Новиот Superb, енергичен и динамичен е наша инвестиција во вашето задоволство.“

skoda-coty4

Токму бројните иновации што ги нуди овој модел беа одлучувачки фактор за да ја добие поддршката на стручното жири. Членовите на жирито, како и изминатите години, својата одлука ја носат врз основа на веќе познатите критериуми, а тоа се адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн, комфор и опременост на возилото.

Претседателот на националното жири, господинот Владо Ристовиќ, ја образложи одлуката на стручното жири и официјално му ја додели наградата на господинот Миле Станчев, бренд менаџер на ŠKODA, кој во име на Порше Македонија ја подигна наградата.

skoda-coty3

„Дефинитивно, знаменосецот на ŠKODA изгледа одлично, нуди многу простор и фантастично возачко икуство, што ја прави најдобриот и најпространиот автомобил во класата. Дизајнерите и стручниот тим на ŠKODA го поставија овој модел на едно сосема ново ниво кога станува збор за креативноста и технологијата. Автомобилот нуди низа системи за помош кои досега не беа вградувани кај возилата од овој сегмент. Новата технологија, направена според последниот збор на техниката, му помага на возачот во најразлични ситуации во сообраќајот“ – изјави господинот Миле Станчев на официјалното доделување на наградата „Автомобил на годината за 2016“ и се заблагодари на стручното жири и на македонските граѓани кои гласаа за ŠKODA Superb.

bmw-coty

Во рамките на свеченото доделување, награда за SUV на Годината во Македонија зема одличниот BMW X1. Наградата ја подигна директорот на М Кар, господинот Марко Јовановски, и изјави: „Оваа година BMW Group ја прославува својата 100 годишнина, со што признанието SUV на годината во Македонија претставува особена чест за импортерот М Кар кој е присатен на пазарот помалку од една година.“

Признание доби и компанијата Еуроимпекс, и тоа за афирмација на Македонија во Регионот. Еуроимпекс е вистинска успешна приказна, и е застапник за брендот Peugeot во Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Признанието беше преземено од Генералниот директор Кирил Воиновски. Тој во своето обраќање посочи дека успехот е резултат на 26 годишниот труд и залагање истакнувајќи ги заслугите на целиот тим на компанијата.

Им честитаме на победниците!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.