Audi го претстави SQ7 TDI – доаѓа со електрично турбо и 435 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi го претстави SQ7 TDI – доаѓа со електрично турбо и 435 коњски сили!

Знаменосецот на Q7 гамата носи нов, 4-литарски турбодизел кој користи електрично турбо за да постигне импресивни резултати и нула турбо-лаг!

Новиот 4-литарски TDI е замена за постариот, 4.2 литарски мотор. Моторот кој ќе се вградува во монструозниот SQ7 нуди 435 коњски сили и одлични 900 Nm вртежен момент, достапни веќе од 1000, па сè до 3250 вртежи во минута. Секако, погонот е кон сите четири тркала преку Quattro систем и 8-брзински автоматски менувач.

Благодарение на новиот мотор, на големиот SUV му требаат само 4.8 секунди да постигне 100 километри на час, додека максималната брзина е 250 километри на час. Според (крајно нереалниот) NEDC тест, SQ7 ќе троши само 7.4 литри гориво на 100 километри и ќе има емисија од 194 грама CO2 на изминат километар.

Она што е најважно кај новиот SQ7 е новиот електричен компресор (EPC) кој за прв пат се вградува во сериско возило. Новиот компресор е последно збогување со турбо доцнењето по кое се познати скоро сите возила со турбополнач. Електричниот компресор има максимална моќност од 7 киловати, а е поврзан на 48-волтен систем со литиум-јонска батерија поставена под багажниот простор.

SQ7 е поставен на уште понапредна шасија од Q7, и нуди адаптивна воздушна суспензија со адаптивно дампирање, нагодливи амортизери, електромеханичка стабилизација против навалување, управување на сите четири тркала и карбон-керамички сопирачки. SQ7 ќе го препознаете по уникатните браници, страничните отвори за воздух, капаците на страничните ретровизори и уште некои ситни детали. Ќе можете да добиете 20 или 22-инчни тркала, LED или Matrix LED предни светла и уште многу, многу други играчки.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi A4 станува А5, претставен и нов S5

Цените на SQ7 во Германија ќе започнуваат од 89.900 евра. Ерата на електрични компресори започна!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.