ТЕСТ: Jaguar XE 20d R-Sport – Достоинствена динамичност – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Jaguar XE 20d R-Sport – Достоинствена динамичност

Воведот во гамата на британскиот бренд е XE – моделот со кој ние поминавме неколку дена и имавме одлична можност подобро да го запознаеме автомобилот со кој Jaguar ќе им ги побрка конците на германските конкуренти!

Автомобилите на Jaguar се своевиден симбол на Британија. Во ред, тука се плутократските Rolls Royce и Bentley, но Jaguar е брендот кој во реалноста е поистоветуван со луѓе кои успеале, луѓе кои постигнале нешто повеќе во животот. Во скоро секој британски филм ќе забележите некој модел на Jaguar, а маркетинг кампањата во која познати британски филмски „негативци“ ги промовираа моделите на брендот е една од најдобрите во изминативе неколку години.

Некои тестови самите се пишуваат..

jaguar-xe-carclub-frontside

Некои тестови самите се пишуваат. Поминав неколку дена со новиот XE и уште додека бев зад воланот зборовите кои го опишуваат автомобилот самите доаѓаа. Размислував за достоинство, размислував за динамичност, аристократија и некаква нишка кралска крв. Неизбежно е да се почувствува човек така во Jaguar – сакале конкурентите да го признаат тоа или не.

Новиот XE е значаен модел за Jaguar. По контраверзниот X-Type од крајот на минатиот век, Jaguar немаше модел кој би се впуштил во борба со германските конкуренти од Д-сегментот. Британците решија да посветат доволно време (и доволно пари) за да понудат модел кој ќе биде навистина конкурентен и кој не само што ќе може да стои рамо до рамо со конкуренцијата, туку да застане над неа и гордо да го вее британското знаме.

jaguar-xe-carclub-frontside-low

Jaguar XE изгледа понизок, покомпактен, подинамичен

Ајде да зборуваме малку за дизајнот – познавачите на Jaguar ќе препознаат линии кои доаѓаат директно од поголемите XF и XJ. Но загледајте подобро и XE веднаш се издвојува не само од своите браќа, туку и од директните конкуренти. Онаму каде конкурентите изгледаат големи и тешки, Jaguar XE изгледа понизок, покомпактен, подинамичен. Притаено и достоинствено чека на страна, подготвен да ги покаже своите квалитети.

jaguar-xe-carclub-rear-low2

Хоризонталните површини и широкиот став започнуваат од предните светлосни групи и големата маска на ладилникот, па продолжуваат околу страните и завршуваат со задните светла и широкиот пластичен дифузер кој визуелно ја намалува висината на багажниот простор. Страничната карактерна линија започнува од самиот раб на предните светла и идеално го дели дизајнот на две хоризонтални целини. Се обидувам да најдам агол од кој не ми се допаѓа како XE изгледа – и едноставно, не можам. Не можам а да не се завртам кон автомобилот секој пат кога ќе го паркирам – посилно е од мене.

jaguar-xe-carclub-rear-low

Ме пречекува модерен, елегантен и минималистички ентериер

jaguar-xe-carclub-interior2

Ја отворам вратата и ме пречекува модерен, елегантен и минималистички ентериер. Се сместувам во идеалното спортско седиште и чувствувам дека седам ниско до подлогата. Управувачот одлично ми одговара во рацете, а инструментите се директно пред мене, јасни и лесно разбирливи.

Го притискам копчето за старт и големата мачка се буди. Има нешто „валкано“ во начинот на кој ротирачкиот контролер за менувачот се буди и се издигнува на централната конзола. Скоро сите површини во ентериерот се обвиени со квалитетни материјали. Некои би посакале и централната конзола да е покриена со кожа, но бидејќи ова е верзија со изразени спортски амбиции, сосем одговара гумираната пластика.

jaguar-xe-carclub-interior3

Прегледноста е воглавно добра, но немојте да згрешите и да го нарачате вашиот XE без сензори или паркинг камера – бесценети се кога станува збор за полесно маневрирање и паркирање во градскиот метеж. На задната клупа е за нијанса потесно во споредба со директните германски конкуренти, но сепак на двајцата патници ќе им биде комфорно во спортски-профилираните седишта. На располагање стојат 455 литри багажен простор – во рамките на просекот во класата.

2-литарски турбодизел со 180 коњски сили и 430 Nm вртежен момент

jaguar-xe-carclub-frontside2

Го завртувам контролерот за автоматскиот менувач во D и автомобилот почнува да се движи. Одговорен за пренос на брзините е 8-степенски автоматски менувач изработен од ZF. Менувачот сосем коректно и скоро незабележливо ги менува брзините, освен во услови на споро движење кога знае да биде малку нетрпелив во менувањето степен погоре или подолу. Од друга страна, достапни се лопатки за менување на управувачот, па можете и самите да си менувате брзини доколку така сакате.

Нашиот тестен модел дојде опремен 2-литарски турбодизел кој е дел од најновата гама на Ingenium мотори на Jaguar. Новиот турбодизел нуди 180 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 430 Nm вртежен момент достапни од 1750 па сè до 2500 вртежи во минута. Според официјалните податоци, потребни му се 7.8 секунди да постигне 100 километри на час, а максималната брзина е 228 километри на час. Фабрички, Jaguar декларира потрошувачка од 5.1 литри дизел гориво на 100 километри во градски услови, ние измеривме нешто повеќе од 8 литри во град, односно некаде околу 6 литри на 100 километри на отворен пат.

XE се издигнува над конкурентите со возната динамика

jaguar-xe-carclub-frontside-me

Она каде XE навистина се издигнува над конкурентите е возната динамика. Го префрлам менувачот во спортскиот режим на работа и со задоволство ги барам границите на XE. Подготвеноста со која XE ја менува насоката на движење е како од друг свет – едноставно го вперувам управувачот во насоката во која сакам да одам а XE послушно ги следи моите инструкции. Задниот дел е подготвен да заигра кога тоа ќе го побарате од него, но во ниту еден момент тоа не е страшно ниту неочекувано – всушност, достоинството за кое веќе зборував тука доаѓа до израз – aвтомобилот достоинствено, самоуверено и гордо ги извршува задачите, а мене ме остава со вистинско чувство на уживање. Низ управувачот добивам доволно информации во секое време точно знам што прави секое тркало. На инжинерите на Jaguar можам да им кажам само – браво, секоја чест, одлично завршена работа!

jaguar-xe-carclub-side

Од друга страна, кога од XE ќе побарате да биде порафиниран, го префрлате менувачот во нормалниот режим, и автомобилот веднаш цели кон повисок степен на пренос, се смирува и станува одличен крстосувач и на подолги релации. Британскиот карактер го налага тоа. Суспензијата е спортски цврста, но во ниту еден момент не е некомфорна. Всушност, токму цврстата суспензија е огромен дел од равенката за довербата која ја влева XE.

Врвна безбедност, богата опрема и многу внимание посветено на деталите

jaguar-xe-carclub-rear-headlight

Лесно е да се ужива во XE. Привлечниот дизајн и одличната динамика си го прават своето, но дел од приказната е и опремата. Нашиот тестен модел дојде со цел куп опрема, но вреди да ги истакнеме мултимедијалниот уред со навигација, одличниот аудио систем, ксенонските предни светла со LED дневни светла, R-Sport пакетот за ентериер и екстериер кој вклучува спортско-профилирани седишта, поагресивни преден и заден браник, како и странични прагови, сензорите и камерата за паркирање, целата гама на безбедносни системи и уште многу други додатоци кои го прават овој автомобил она што е – премиум!

Jaguar XE неодамна беше тестиран од страна на EuroNCAP каде ги освои максималните 5 ѕвездички и беше прогласен за најдобар во својата класа за 2015-тата година.

jaguar-xe-carclub-euroncap

На крајот, го поставувам прашањето – кога пак?

Лесно е да се зборува за Jaguar XE. Би можел со часови да зборувам за дизајнот кој гордо се издвојува од конкурентите. Би можел да зборувам за рафинираноста, но и за динамичноста. Оставете ме да зборувам, и со часови ќе зборувам за овој достоинствен британски џентлмен, кој под одличниот костум крие несекојдневно-динамичен карактер. Ми беше чест да го возам XE и подготвен сум да ги простам ситните недостатоци, и да прашам – кога пак?

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 430 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 228 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.8 секунди
  • Должина: 4670 mm
  • Ширина: 1850 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1416 mm
  • Тежина: 1560 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2835 mm
  • Багажен простор: 455 литри
  • Потрошувачка: 5.1 литри на 100 километри (официјална, градска), 8.1 литар (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Jaguar XE 20d 180 Automatic R-Sport – 61.700 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.