full screen background image
Search

Освежувањето за Volkswagen Golf доаѓа порано од очекуваното?

Иако фејслифтот на Golf се очекува за крајот на оваа година, некои извори почнуваат да најавуваат дека Volkswagen ќе го претстави освежениот хечбек на саемот на автомобили во Женева во Март.

Според германскиот Auto Bild, Volkswagen го забрза претставувањето на освежениот Golf и ќе го претстави на саемот на автомобили во Женева, во Март. Според истите извори, фејслифтот ќе биде како козметички, така и технички. Еден од најважните новитети ќе биде воведувањето на LED предните светла во целата гама кои во моментов се достапни само кај електричниот e-Golf.

Дополнително, од Auto Bild кажуваат дека кај Golf ќе се понуди и целосно-дигиталниот панел со инструменти пред возачот, кој ќе биде земен од поголемиот Passat. Покрај тоа, се очекува и нов инфозабавен систем со 9.2-инчен мултимедијален дисплеј.

Интересна најава е дека Volkswagen ќе претстави сериска верзија на екстремниот R400 систем. Сега за сега не се знае кој мотор ќе се крие под поклопецот, но во игра се 2-литарскиот турбо-бензинец од Golf R, како и 2.5-литарскиот турбо-бензинец со пет цилиндри од Audi RS3. Екстремниот R400 ќе се нуди во ексклузивна и лимитирана серија, и ќе пренесува 400 или 420 коњски сили преку сите четири тркала.

Покрај стандардниот Golf, освежување ќе добие и Golf GTE плаг-ин хибридот кој ќе биде доведен во линија со Passat GTE и ќе нуди 218 коњски сили и 400 Nm вртежен момент наместо досегашните 204 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Секако, ќе бидат претставени и нови TSI и TDI мотори, за кои веќе пишувавме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.