full screen background image
Search

Faraday Future го претстави својот FFZERO1 електричен концепт на CES

Новиот производител на електрични автомобили со интересно име го претстави својот концепт на Consumer Electronics Show – и она што го прикажаа е футуристички електричен тркач со многу нова технологија и иновативни решенија!

Во очекување на премиерата на автомобилот на Faraday Future, јавноста очекуваше дека производител ќе претстави модел кој ќе биде директен ривал на некои од моделите на Tesla – но го добивме сосем спротивното. Добивме дизајнерска и технолошка визија која треба на сите да ни покаже за што е подготвен производителот – импресивно за компанија која е основана пред само 18 месеци, но веќе има 750 вработени. Faraday Future најавува дека првото сериско возило ќе го видиме за само две години.

Концептот на FF е базиран на целосно нова и модуларна платформа која се нарекува Variable Platform Architecture. Според FF, новата платформа може да дозволи неколку различни конфигурации – погон на предните, погон на задните или погон на сите четири тркала. Има Quad-Drive погон кој всушност поставува електромотор на секое тркало, а погонот има на располагање повеќе од 1000 коњски сили. Според она што го кажуваат од FF, на FFZERO1 му требаат помалку од 3 секунди да стигне до 100 километри на час, а „можна е крајна брзина повисока од 320 километри на час.“ Дополнително, автомобилот има целосна функционалност за автономно возење (во рамки на достапната технологија, секако).

Дизајнерски – ќе ве оставиме самите да одлучите како ви изгледа концептот – но имајте во предвид дека е токму тоа. Интересно е дека инспирацијата за FFZERO1 е очигледно влечена од LMP1 тркачките автомобили и има агресивни аеродинамични компоненти. Во секој случај – ова е храбра и моќна најава од Faraday Future – останува да видиме што ќе донесе иднината.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.