ТЕСТ: Maserati Ghibli Diesel – Алтернативна и поегзотична реалност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Maserati Ghibli Diesel – Алтернативна и поегзотична реалност!

Ghibli е моделот со кој Maserati ќе се обиде да им ги побрка сметките на германските ривали – а со силните атрибути кои ги носи, тоа е повеќе од возможно. Ние поминавме малку време со Ghibli опремен со одличен турбодизел – и ова се нашите импресии!

Ова се интересни времиња за Maserati. Брендот е во фаза на глобална експанзија и има амбиции сериозно да ја зголеми бројката на продадени возила- брендот кој во 2012 година продаде само 7000 автомобили има желба да ја зголеми таа бројка на преку 50000 – а за тоа се потребни нови модели, нови мотори и поагресивен пристап до купувачите.

Токму тоа и се случи – пред неколку години, Maserati го претстави Ghibli. „Малиот“ седан е поставен да се бори директно со германските ривали и да привлече купувачи кои досега не би го ни земале италијанскиот бренд во предвид. Дополнително, Maserati реши за прв пат во својата историја да понуди и турбодизелски мотор бидејќи – ако зборуваме искрено – на стариот континент е тешко да се зголеми продажбата во овој сегмент без турбодизел во понудата.

Дизајнот можеме во најмала рака да го опишеме како сензуален, а трозабецот гордо најавува што нè очекува

maserati-ghibli-carclub-side

Сепак, пред да зборуваме за моторот – да зборуваме за дизајнот. Уште на прв поглед, Ghibli е неизбежно италијански автомобил. Дизајнот можеме во најмала рака да го опишеме како сензуален, но би отишле понатаму и би го опишале истовремено и како агресивен. На предниот дел доминираат широката маска на ладилникот, големите отвори за воздух, но и намуртените предни светла. Секако, почесно место носи трозабецот на Maserati кој гордо стои на маската на ладилникот и најавува што нè очекува.

maserati-ghibli-carclub-face

Истите линии продолжуваат и околу автомобилот, карактерната линија преминува во истакнати „рамења“ кон задниот дел, а растечката линија на прозорците оддава чувство на спортска динамика и карактер. Задниот дел е заокружен со хоризонталните светлосни групи, но и двата двојни завршетоци на издувниот систем кои стојат како не-баш-дискретна најава за искуството зад воланот.

maserati-ghibli-carclub-rearside

Ентериерот се издвојува од помалку стерилната конкуренција, а деталите од дрво се прекрасни и на изглед, и на допир

Ја отвораме возачката врата (која патем е без рамка за прозорецот) и нè пречекува ентериер кој ја продолжува истата нишка од екстериерот. Во ред, можеби ентериерот не е толку драматичен, но несомнено е различен од можеби малку стерилната конкуренција.

maserati-ghibli-carclub-interior-details

Некои од компонентите се земени директно од поголемиот (и значително поскап) Quattroporte, а материјалите со кои се обвиени површините се квалитетни и фини на допир – особено ни се допадна дрвото кое е искористено на некои од површините. Секако, ако допрете „подлабоко“ можеби ќе налетате на малку потврди пластики – но во реалноста, сè што ќе допрете може да се опише единствено како скапо.

Поврзано:   Maserati го претстави новиот GranCabrio

maserati-ghibli-carclub-interior1

Седењето е ниско и спортско и очигледно е дека Ghibli му посветува највеќе внимание на возачот. Контролите се сите лесни за наоѓање, сè е некако „при рака“, а долгите алуминиумски палки за менување брзини поставени на управувачот зрачат со својот престиж.

maserati-ghibli-carclub-rearseats

На задната клупа има доволно место за двајца во налегнатите и исклучително комфорни седишта, но за тројца веќе би било проблем. Сепак, ова не е автомобил „за пакување“ – ова е автомобил за уживање. На располагање стојат 500 литри багажен простор, достапни преку отвор со правилна форма, па внесување и на поголеми предмети не би требало да биде тешко.

maserati-ghibli-carclub-trunk

Под поклопецот се крие 3-литарски V6 турбодизел кој звучи моќно!

Во ред, сега да зборуваме за она, најважното – искуството зад воланот. Откако ќе се сместите во комфорното возачко седиште и ќе го притистнете копчето за стартување на моторот – ќе се изненадите. Иако под поклопецот се крие 3-литарски V6 турбодизел, звукот кој ќе го слушнете воопшто не звучи така. Секако, има малку од добро-познатото дизелско режење, но автомобилот звучи моќно и подготвено.

maserati-ghibli-carclub-frontside2

Го ставаме менувачот во D и почнуваме да се движиме. Првите импресии се дека Ghibli се однесува бенигно, достоинствено и рафинирано. Скопските улици не се некој посебно голем предизвик – да, суспензијата е спортски тврда, но во ниту еден момент некомфорна, иако можеме да забележиме дека на моменти се пренесуваат повеќе вибрации во кабината од она што би го сакале – но тоа е цената која треба да се плати за спортскиот карактер. Се движиме по скопските улици и Ghibli едноставно бара внимание. Луѓето се вртат по автомобилот, го загледуваат, со насмевки покажуваат кон него. Ова не е автомобил за оние кои сакаат да останат невидливи.

Притиснете го Sport копчето и работите стануваат уште поинтересни!

maserati-ghibli-carclub-rearside3

Но притистнете го Sport копчето и работите стануваат уште поинтересни. Се отвораат дополнителни пеперутка-вентили на лонците од издувниот систем и звукот станува уште погласен, подлабок и поагресивен, одизвот на педалата за гас е инстантен а управувањето станува за нијанса поцврсто. Ghibli сега е во својот елемент. Ја притискаме силно педалата за гас и автомобилот неуморно граби нанапред а менувачот задржува повисоки вртежи – одлично!

Поврзано:   Maserati го претстави новиот GranCabrio

Модерниот, 3-литарски турбодизел нуди 275 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 600 Nm достапни од 2000 до 2600 вртежи во минута. Сето ова е доволно за 100 километри на час да се постигнат за одлични 6.3 секунди и да се постигне максимална брзина од 250 километри на час. Истовремено, во град можете да очекувате поштрошувачка од околу 12 литри дизел на 100 километри – бројка која не е ниска, но не е воопшто страшна за автомобил од овој калибар кој истовремено тежи 1835 килограми.

maserati-ghibli-carclub-frontside

Кога ќе го предизвикате Ghibli и ќе го поставите пред серија свиоци, доаѓа до израз неговото педигре. Големиот седан се однесува неутрално и предвидливо, и ви влева доверба да започнете поагресивно да ги истражувате неговите граници. Да, ова е голем седан чиј габарит и тежина не можат да се занемарат, но динамичноста му е во ДНК-та. Исклучете ги системите за безбедност и задниот дел е повеќе од подготвен да заигра кога ќе го побарате тоа од него.

Управувањето е прецизно и директно, но не премногу комуникативно, а при совладување свиоци автомобилот останува целосно рамен без ниту степен непотребно навалување – ова е автомобил за оние кои сакаат да возат!

maserati-ghibli-carclub-rearside2

Мирно на отворен пат – одличен крстосувач и за подалечни дестинации

Отидете кон отворен пат и Ghibli ќе се однесува токму онака како што еден голем седан би требало да се однесува. Исклучете го спортскиот режим и уживајте во мирното и тивко возење. Менувачот без проблем си ја работи работата, моторот работи на релативно ниски вртежи дури и при повисоки брзини, а патувањето е комфорно и пријатно. Секако, кога ќе ги побарате, тука се веќе-споменатите 275 коњски сили и 600 Nm вртежен момент кои го прават претекнувањето лесно и едноставно, а на подолги релации можете да очекувате и значително пониска потрошувачка.

Поврзано:   Maserati го претстави новиот GranCabrio

maserati-ghibli-carclub-highway

Вистинска привилегија е да се седне зад воланот на едно Maserati. Додека го имавме на располагање, можевме само да уживаме во престижот кој доаѓа со онаа значка. Секако, кај овие автомобили огромна улога игра опремата – и навистина полесно би било да наброиме што недостасуваше, наместо што имаше во автомобилот. Сепак, вреди да се истакне дека ова е луксузен, богато опремен премиум автомобил кој во ништо не заостанува зад своите директни конкуренти, а одлични резултати покажа и на тестирањата за безбедност – на EuroNCAP тестирањата Ghibli освои одлични и максимални 5 ѕвездички и истовремено го освои и признанието за најдобар во класата според истата институција.

maserati-ghibli-euroncap

Во оваа класа, егзотичноста и ексклузивноста навистина нешто значат!

На самиот крај, навистина е тешко да се извлече заклучок за Ghibli со само една реченица. Ова е храбар чекор за Maserati, а автомобилот е вистинско освежување во класата каде полека-но-сигурно својата доминација ја наметнаа германците. Сепак, Ghibli е нешто повеќе – ако ништо друго, автомобилот е поексклузивен и поегзотичен од своите директни ривали – а во оваа класа, тоа навистина нешто значи!

maserati-ghibli-carclub-front-bridge

  • Мотор: 3-литарски турбодизел, V6
  • Моќност: 275 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 600 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 250 км/час
  • Забрзување 0-100: 6.3 секунди
  • Должина: 4971 mm
  • Ширина: 1945 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1461 mm
  • Тежина: 1835 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2998 mm
  • Багажен простор: 500 литри
  • Потрошувачка: 5.9 литри на 100 километри (официјална, комбинирана), 9.5 литри (измерена, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Maserati Ghibli Diesel – 88.500 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.