full screen background image
Search

Први официјални фотографии од новата E-Class на Mercedes-Benz!

Протекоа првите официјални фотографии од новата E-Class на Mercedes-Benz, но ги дознавме и првите детали околу моторите кои ќе се вградуваат во новиот германски седан!

Официјално – ова е новата E-Class на Mercedes-Benz! Неколку дена пред официјалната премиера се појавија првите фотографии – и мораме да кажеме дека ни се допаѓа она што го гледаме!

Дизајнот повеќе од очигледно влече инспирација од C-Class и големата S-Class – и според нас, изгледа одлично. Пропорциите се идеални, иако новата E-Class е цели 43 милиметри подолга од својот претходник (за вкупно 4923 милиметри), но има и цели 65 милиметри подолго меѓуоскино растојание. Новите пропорции резултираат со елегантна и ненаметлива каросерија која одлично му прилега на карактерот на автомобилот, а коефициентот на отпорот на воздух е импресивно ниски 0.23 Cd.

На почетокот ќе се нудат неколку мотори. Основен мотор во понудата ќе биде E200 со четири-цилиндерски бензински мотор. Основен мотор во дизелската понуда ќе биде E220d, кој според најавите би требало да е целосно нов мотор. На почетокот најверојатно ќе се нуди само автоматскиот 9G-Tronic. Понатаму ќе пристигне хибридниот E350е кој според најавите би требало да нуди 289 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, а неизбежен е и монструозниот AMG модел на кој се работи во моментов.

Повеќе информации ќе имаме наскоро, кога германците и официјално ќе ги објават сите детали. Во меѓувреме, ве оставаме со првите фотографии од новата E-Class!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.