full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat 500X 2.0 Multijet II 4WD Cross – Мал голем италијански урбан кросовер!

Најновото проширување на 500-гамата на Fiat доаѓа во форма на привлечниот кросовер кој ја носи ознаката 500X, а ние поминавме цел викенд со не-баш-малиот урбан шармер од Италија!

Пуристите сигурно ќе негодуваат, но Fiat продолжува – и тоа успешно – да ја проширува понудата на модели кои ја носат ознаката 500. По легендарниот Fiat 500, на пазарот дојдоа 500L, 500L Trekking, 500L Living, па конечно во понудата дојде и долго-очекуваниот кросовер кој ја носи ознаката 500X. Всушност, според нас – 500X е можеби најдобриот додаток во гамата – новиот Fiat 500 секогаш бил таканаречен lifestyle автомобил – повеќе моден додаток отколку практичен фамилијарен транспорт, a во моментов кросоверите се најпопуларни – па повеќе од логично е Fiat да ја прошири гамата со урбан ретро-модерен кросовер.

Во нашите очи, 500Х е полн погодок – модерен, но и ретро

fiat-500x-carclub-rear

Немојте да дозволите да ве излажат ретро-дизајнерските детали – под кожата се крие платформа која ја користи и Jeep кај својот Renegade, а во понудата можат да се добијат грст модерни, чисти и економични бензински и дизел мотори. Ова е меѓу најновите автомобили на пазарот – за што сведочи и опцијата за 9-брзински автоматски менувач

fiat-500x-carclub-front

Дизајнерски – во нашите очи барем – 500Х е полн погодокот. Во ред, вљубениците на класичниот 500 ќе негодуваат за значителната доза стероиди која е вбризгана во новиот 500 за да се добие 500Х, но не би можеле да негираат дека резултатот е привлечен – дури и со продолжената каросерија со пет врати. Ретро деталите се забележуваат веднаш – од овалоидните предни светлосни групи, па се до целосниот облик кој асоцира на постарите модели на Fiat. Во реалноста, многу малку автомобили успеваат секому да му се допаднат, но нам 500Х ни изгледа истовремено модерно, но и ретро. Само изберете некоја похрабра боја – бојата на нашето тестно возило не ни одговараше на карактерот на 500Х. Со сигурност многу поубаво би му стоела некоја интензивна црвена боја.

Огромен чекор напред во финалната обработка!

fiat-500x-carclub-interior1

Истата приказна за ретро-модерен дизајн продолжува и во ентериерот. Кога ќе ја отворите вратата ќе ве пречека ентериер кај кој преовладуваат овалните форми, има многу интересни детали, а логото на Fiat 500 е скоро насекаде. Ќе го истакнеме интересниот управувач кој е обложен со фина кожа и е навистина пријатен на допир, но и големата рачка од менувачот која одлично „лежи“ во рака.

Поврзано:   Фабриката на FCA во Полска го произведе својот 12-милионити автомобил!

fiat-500x-carclub-interior-details1

Тука се и централниот дисплеј и рачките за отворање на вратите од внатрешната страна кои дополнително го издвојуваат ентериерот од конкуренцијата. Седиштата се привлечни на изглед и комфорни за седење, но долниот дел не нуди доволно поддршка.

fiat-500x-carclub-interior-rear

Во Fiat 500X комфорно ќе се возач возачот и тројца возрасни сопатници – но не планирајте на задната клупа да ставите повеќе од двајца возрасни – нема да им биде премногу комфорно. Од друга страна, простор за главите има многу, прегледноста е одлична благодарение на високата седечка позиција, а на располагање на возачот и на патниците им стојат 350 литри багажен простор. Во овој сегмент 500X „губи“ од своите директни конкуренти – но сепак ние сме подготвени да го простиме овој детал заради привлечниот дизајн – едноставно, тоа е цената која треба да се плати.

fiat-500x-carclub-boot

500Х се однесува неутрално, дури и во свиоци

Ергономијата во ентериерот на 500Х е повеќе од задоволителна. Сите контроли беа релативно јасни и лесни за користење, а прегледноста одлична. Сето тоа влева доверба во возењето, каде 500Х одлично се истакна. Малку ќе забележиме на потврдото возење – што не е неочекувано со оглед на големите тркала, но во ентериерот е прилично мирно и рафинирано. Автомобилот се однесува неутрално дури и кога ќе го предизвикате по свиоци. Навалување во свиоци несомнено има – сепак зборуваме за кросовер – но автомобилот во ниту еден момент не оддава чувство на несигурност и имате доволно информации од подлогата за да имате доверба во неговите способности. Бидете поагресивни и можете да очекувате и малку надуправување благодарение на погонот на сите четири тркала, но сето тоа е дискретно и лесно за контролирање.

Поврзано:   Fiat 500X Sport добива супер-кул стајлинг, многу опрема и подобрена динамика

fiat-500x-carclub-interior2

Повеќе од забележително е дека инженерите на Fiat посветиле малку повеќе внимание на звучната изолација и рафинирањето на севкупниот впечаток кој 500Х го остава. Во кабината скоро и да не се пренесуваат несакани звуци, особено на отворен пат. Она што ќе го забележиме во однос на возењето на отворено е малку зголемената бучавост од страничните ретровизори, но тоа не е неочекувано. Ќе забележиме и на малку повеќе вибрации од моторот на отворен пат, но се на се – и дволитарскиот турбодизел се покажа како добар сопатник.

fiat-500x-carclub-interior-details2

Всушност – да позборуваме малку и за моторот. Дволитарскиот турбодизел нуди 140 коњски сили и 350 Nm вртежен момент – бројки кои веќе не се спектакуларни, но се повеќе од доволни. На 500Х опремен со овој мотор му требаат 9.8 секунди да постигне 100 километри на час, и ќе продолжи да забрзува сè до 190 километри на час – повеќе од доволно за еден ваков автомобил. Низ град можете да очекувате потрошувачка од околу 8 литри дизел на 100 километри – повторно, во рамките на очекуваното со оглед на моторот и погонот на сите четири тркала. На отворен пат, таа бројка паѓа на околу 6 литри на 100 изминати километри.

Неодамна, Fiat 500X беше цел на EuroNCAP тестирањата. Тука 500Х освои четири од вкупно 5 ѕвездички – резултат кој се должи на недостатокот на некои активни системи за безбедност во основното ниво на опрема, но во сите други категории 500Х освои надпросечни оцени – резултат се должи на стандардните системи за контрола на пролизгувањето, контрола на стабилноста, и многу други системи, како и многуте воздушни перничиња кои се дел од безбедносната опрема.

Fiat цели на помлада генерација купувачи – па дизајнот и шармот се на прво место!

fiat-500x-carclub-rear2

Од далеку се гледа напредокот кој Fiat го има постигнато со 500Х – привлечниот дизајн е нешто што сме навикнати да го очекуваме – но кај 500Х се забележува и напредокот во финалната обработа и севкупната рафинираност на автомобилот. Ентериерот е комфорен, автомобилот е динамичен а моторот е моќен и економичен.

Поврзано:   Славеничкиот Abarth 695 70° Anniversario добива 180 коњски сили и специјален спојлер

Очигледно е дека Fiat цели кон помлада генерација купувачи. Оние кои стилот го ставаат пред практичноста, а дизајнот пред функционалноста. Оние кои сакаат да бидат препознаени и забележани во асфалтната џунгла – и токму тоа Fiat може да го понуди со 500X. Немојте да не разберете погрешно – 500Х е практичен и функционален урбан кросовер – но тука дизајнот и шармот се ставени на прво место!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 140 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 350 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.8 секунди
  • Должина: 4273 mm
  • Ширина: 1796 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1608 mm
  • Тежина: 1505 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2570 mm
  • Багажен простор: 350 литри
  • Потрошувачка: 5.8 литри на 100 километри (официјална, градска), 8 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Fiat 500X Cross 4WD Multijet II – 24.460 Евра
    Повеќе информации: Fiat.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.