full screen background image
Search

Volkswagen под лупа – манипулирани еколошките резултати во САД!

Германскиот производител на автомобили е во центарот на вниманието – од кога се објави дека манипулирале со резултатите од еко-тестовите во Америка – проблемот е толку голем, што дури и претседателот на Volkswagen Group објави јавно извинување!

Истражување на EPA (Environmental Protection Agency) во Америка откри дека возилата на Volkswagen опремени со 2-литарскиот TDI со четири цилиндри користел посебен софтвер кој во услови на тестирање на издувните гасови го ставал автомобилот во специјален режим со цел успешно да ги помине тестирањата, а во реални услови тој режим бил деактивиран и емисиите на NOx биле и до 40 пати поголеми од предвидените!

Веста се појави откако Volkswagen еднаш веќе бил предупреден и издаден бил отповик за возилата да добијат нова верзија на софтверот – но откако и тоа „освежување“ не било доволно, EPA ги објави јавно резултатите од своите тестирања. Доколку Американската влада го казни Volkswagen со максималната вредност ($37.500 по возило), тогаш најголемиот европски (а можеби и светски) производител се соочува со максимална казна од 18 милијарди долари!

Во меѓувреме Volkswagen го призна направеното и веќе се појави и видео извинување од претседателот на Volkswagen Group – Martin Winterkorn. Тој отворено го призна она што Volkswagen го има направено и се извини за постапките на брендот. Дополнително, Volkswagen призна дека контраверзниот софтвер е дел од преку 11 милиони возила и најави дека ќе потроши 6.5 милијарди евра за да го отстрани проблемот.

Како ова влијае на Европските и Македонските купувачи?

Сега за сега – никако. Volkswagen без сомнение ќе изгуби дел од угледот и довербата што ја има кај европските купувачи, а неизбежни се и реакции од некои европски земји кои ќе побараат повторно тестирање на возилата. Сепак според досегашните тестирања моторите ги задоволуваат соодветните EURO норми (за појаснување, еколошките стандарди кои се на сила во САД, и во многу случаи се различни од држава до држава се значително построги од европските – особено во Калифорнија) – неодамнешен тест на германскиот ADAC покажа отстапување од реалните во однос на декларираните вредности, но тие тестирања се направени кај повеќе модели од повеќе различни производители, и отстапувањата не се долку драстични као оние пријавени во Америка.

Поврзано:   ПАНОРАМА: Volkswagen Golf 8 - Осма генерација на автомобилот по кој цела класа доби име

Во меѓувреме, вредноста на акциите на Volkswagen опадна повеќе од 20% од објавувањето на вестта. Volkswagen веќе со генерации е симбол на германската технолошка напредност и ќе мораат да поработат на враќање на довербата на купувачите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.