full screen background image
Search

Драматична победа на Иџе во Полска!

Бранителот на европскиот трофеј победи во Полска во исклучително тешки услови за натпреварување!

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски-Иџе стигна до петтата победа во групата Н во шестата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше во Лиманова, Полска. На патеката долга 5.490 метри Иџе, со Mitsubishi Lancer Evo IX, ја победи силната европска и полска конкуренција, но до триумфот дојде на крајно драматичен начин. По првата трка домашните натпреварувачи имаа по десетина секунди подобро време од останатите бидејќи нивниот настап беше на сува патека, а потоа следуваше многу силен дожд со што за останатите кои стартуваа по нив условите на патеката беа речиси невозможни. Со тоа, Иџе и уште неколку европски асови од старт беа елиминирани од можноста да се борат за победи во своите групи. Од тие причини италијанскиот ас, Фаусто Бормолини поднесе жалба до организаторот со барање првата трка да се повтори бидејќи условите на патеката драстично беа променети во текот на самата трка што ги доведе возачите во претерано нерамноправна положба. На жалбата се приклучи и нашиот Иџе и за нивна среќа организаторот ја уважи жалбата и реши ја да повтори првата трка.

„Ние возевме на влажна, а Полјаците на сува патека и оттаму големите разлики во времето. Побаравме организаторот да ни овозможи исти услови за натпреварување и поради тоа беше решено првата трка да се повтори. Ваквата одлука наиде на противење на домашните возачи, кои во новите две трки не успеаја да ја потврдат доминацијата“ – изјави Иџе.

Во повторената прва и во втората трка Иџе ја потврди својата европска класа па не само што беше најдобар во својата група Н, туку имаше и севкупно најдобри времиња од сите натпреварувачи во категоријата 1 каде што спаѓаат автомобилите пријавени за бодување во Европското првенство. Стефановски до победата дојде со вкупно време од 5:06,738 минути (2:40,118 и 2:26,620), а зад него во класата Н се пласира домашниот возач Михал Ратајчик со време од 5:13,989 минути (2:42,978 и 2:31,011), кој е најголем губитник бидејќи во поништеното возење имаше дури 10 секунди подобро време од македонскиот ас, а трет беше Чехот Јири Лос со 5:15,502 минути (2:45,179 и 2:30,323).

Македонскиот автомобилистички ас со овој триумф го елиминира второто место во Чешка од пред две недели и со максимални 125 бода ја пречекува втората половина од сезоната. По првиот дел и извозени шест трки во генералниот пласман се сметаат најдобрите пет резултати, а Иџе сезонава славеше во Франција, Австрија, Шпанија, Португалија и во Полска.

„Ова ми е најголема победа во досегашните трки од Европскиот шампионат. Никогаш досега не сум возел толку тешка трка. Условите на патеката се менуваа неверојатно брзо, досега не сум возел во ваква честа комбинација суво-дожд. Условите на патеката придонесоа ова да биде многу возбудлива трка. Мора да потенцирам дека ова е мојата најголема и најслатка победа во Европа“ – додаде Стефановски.

Што се однесува до останатите, најголемиот конкурент на Иџе во генералниот пласман, Чехот Јаромир Мали кој се натпреварува во групата А очекувано го освои првото место во својата група со време од 5:11,221 минути (2:44,688 и 2:26,533) и во генералниот пласман сега има 111 бода, односно 14 помалку од Стефановски. Севкупен победник на трката во Полска е Чехот Милан Бенеш со болид Осела ФА-30 и вкупно време од 4:44,182 минути (2:19,239 и 2:24,943).



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.