full screen background image
Search

Иџе извојува втора победа сезонава, триумфот му го посвети на трагично загинатиот Крамски!

По триумфот во Франција најдобриот македонски автомобилист победи и на трката во Рехберг, Австрија, која помина во сенка на загинувањето на легендарниот чешки возач

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе со Mitsubishi Lancer EVO IX ја забележа втората победа во групата N во втората трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше на патеката во Рехберг, Австрија. Тој пред две недели триумфира во Франција, но пред настапот во Австрија на редовниот сервис во Полска беше утврдено дека турбото на моторот и диференцијалите не функционираат најдобро поради што овој триумф има голема специфична тежина и ја покажува зрелоста и желбата на Иџе да го задржи шампионскиот пехар во своите витрини.

Трката во Австрија помина во сенка на несаканиот инцидент во саботата кога загина чешкиот возач Отакар Крамски. Трикратниот европски првак излета од патеката со болидот Рејнард К15, класа која што се бодува за категорија 2 заедно со Е2-ЅС и Е2-ЅН. Познатиот инженер и ветеран во светот на трките, пред трката имал 15-минутен разговор со македонскиот автомобилист, поради што бранителот на европскиот трофеј победата му ја посвети на човекот, кој со огромното искуство и советите му помогна минатата година да стигне до титулата.

„Тешко беше да се вози по се што се случи во саботата. Со Крамски разговарав пред да почнат тренинзите, бидејќи ние му бевме симпатични и пред секоја трка доаѓаше во боксот и ни даваше корисни совети. Минатата година многу научив од него и затоа овој триумф му го посветувам на трагично настраданиот шампион“ – изјави Иџе.

Поради несреќата на Крамски целиот викенд во Австрија доби поинаков тек. Во саботата се извозе само еден од планираните три тренинзи, другите два беа откажани. Неделата почна со вториот тренинг, а третиот беше откажан, по што веднаш следуваше првата трка. По неколкуте инциденти и долги прекини беше решено втората трка да не се вози, а за пласманот да решаваат само резултатите од првото возење.

Во тоа прво возење, Иџе патеката ја мина со време од 2:23.310 минути и за 160 стотти делови од секундата беше пред Австриецот Ханес. Со оглед дека е променета конфигурацијата на патеката во Рехберг, победниците на денешната трка се и нови рекордери на патеката и македонскиот ас од денеска има нов рекорд зад своето име и време кое во наредните сезони ќе биде напаѓано од европската автомобилска елита.

„Ова е голем успех кога се знае ни се што поминав пред оваа трка. Проблемите со турбото, расипаните диференцијали, неподготвеното возило и трагичната несреќа не ми даваа оптимизам, но пред трката решив да одам на се или ништо. Влегов во автомобилот и едноставно летав по патеката. Морам да признам дека не ни приметив дека турбото не работи“ – додаде Стефановски.

По две трки Иџе води во генералниот пласман со максимални 50 поени. Следната трка во Европскиот шампионат на ридски патеки е за две недели на патеката Субида ал Фито во Шпанија, а една недела подоцна следува трката Рампа дел Фарпера во Брага, Португалија. Со тоа, на Иџе му претстои гостувањето на Пиринејскиот Полуостров што воедно е и најдолгото патешествие во календарот.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.