full screen background image
Search

Дали сте подготвени за зимата?

Подгответе се – зимата доаѓа, а со неа доаѓаат и ниските температури, снегот и завеаните или замрзнати патишта. Треба да знаете како да се справите со годишното време кое не им е омилено на возачите.

Веќе сме зборувале за законски обврзувачката зимска опрема и дадовме неколку совети како да возите на снег. Сега ќе го повториме тоа, но и ќе го прошириме со дополнителни совети и идеи.

Веќе знаете дека од 15-ти Ноември започнува сезоната на обавезна зимска опрема. Еднаш веќе зборувавме што тоа значи, но да повториме. Под обврзувачка зимска опрема за вашето возило се подразбира:

  • Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри и соодветни синџири за снег

За возилата со погон на сите четири тркала, потребна е следната опрема:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 6 mm или
  • Летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 mm и соодветни синџири за снег.
  • Ако имаат постојан погон на четири тркала, синџирите се поставуваат на задната осовина.
  • Ако имаат преклоплив погон, тогаш синџирите се поставуваат најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимски пневматици се оние кои имаат ознака „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Автобусите и товарните возила покрај зимската опрема мораат да имаат и прирачен алат – лопата. Казната за неносење зимска опрема изнесува 15 евра, а според правилникот не се дозволени пневматици со шилци.

Дополнително, проверете ги следните детали на вашето возило:

Светла – во текот на зимата порано се стемнува, па бидете сигурни дека светлосната сигнализација на вашиот автомобил работи правилно и дека вашите светлосни уреди се видливи (не се покриени со снег или мраз). Бидете сигурни дека сите светлосни уреди работат и дека се видливи и за другите учесници во сообраќајот, и проверувајте ги редовно.

Акумулатор – Акумулаторите страдаат повеќе во текот на зимата заради ниските температури. Ако ви се испразни акумулаторот додека сте некаде надвор од населено место, нема да ви биде баш забавно. Проверете го акумулаторот и доколку е потребно или наполнете го неколку пати во вашата гаража со полнач за акумулатори, или пак заменете го со соодветен, нов акумулатор.

Системи за одмаглување и одмрзнување – односно, клима уредот и грејачите на стаклата и ретровизорите, доколку ги имате. Проверете дали работат како што треба.

Кочници – Не би ни требало да го споменуваме ова, но проверете ги кочниците и бидете сигурни дека работат како што треба.

Течност за чистење на ветробранското стакло – проверете дали во резервоарчето за течност имате ставено течност која е предвидена за користење во зимски услови, односно не замрзнува. Доколку имате несоодветна течност може да замрзне во системот за чистење и да направи штета на вашиот автомобил.

Ланци за снег – Препорачуваме ланците за снег да ги имате во багажникот ако возите надвор од населени места, дури и ако имате зимски гуми. Понекогаш може навистина да ви затребаат. Купете (или позајмете) ланци, научете како се ставаат (полесно е на улица, пред вашиот дом, отколку на планина додека врне снег, верувајте) и носете ги со вас.

Ракавици, метличка, пластичен чистач за мраз – Немојте да бидете оној кој не си ја исчистил колата од снег целосно, па додека вози низ градските улици позади него има виулица. Убаво исчистете го вашиот автомобил и убаво одстранете го мразот од сите стакла. Топли ракавици тоа ќе го направат значително полесно.

CARclub.mk во соработка со МаркетКонект.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.