full screen background image
Search

Mercedes-Benz ја откри новата номенклатура за своите модели!

Германскиот бренд наскоро ќе ги реименува своите модели со цел да ги направи појасни врските меѓу главните модели и нивните соодветни верзии од лепезата на SUV, купе или роадстер изведби.

Промената во номенклатурата на моделите е со цел подобро да се одслика неодамнешното проширување на гамата на Mercedes-Benz. Според Mercedes-Benz, промената е потребна бидејќи со 2020-тата година, производителот ќе нуди повеќе од 30 различни модели на светските пазари, од кои 11 ќе бидат целосно нови. Ако на сите тие модели ги додадеме и различните каросериски изведби, станува јасна потребата за појасно именување на моделите.

Новото именување ќе биде изградено околу најважните модели на брендот – А, B, C, E и S класите на Mercedes-Benz, а новите именувања ќе бидат акроним од една или три големи букви. На пример – во случај на SUV моделите, сите модели ќе ги имаат буквите GL во своето име. Буквата G оддава почит кон легендарната G-Class, додека буквата L е поврзувачка буква. Единствен теренец кој ќе го задржи своето име е токму G-Class.

Третата буква ќе биде индикација на врската со релевантниот „кор“ модел. Имплементацијата на овие ознаки веќе започна со GLA (кој влече потекло од A-Class). Тоа значи дека следната генерација на GLK ќе се вика GLC (и ќе биде поврзан со C-Class), М-Class ќе се вика GLE, додека големиот GL ќе се вика GLS. Се најавуваат и други варијации, како што е GLE Coupe.

Истата шема ќе се примении кај купеата со четири врати и роудстерите на брендот. Тоа веќе започна со CLS и CLA, како и нивните CLA Shooting Brake и CLS Shooting Brake изведби. Од 2016-тата година, сите роудстери ќе носат SL во името – што значи дека следниот SLK ќе се вика SLC, но големиот SL ќе го задржи своето име.

Поврзано:   Mercedes-Benz се откажува од мануелните менувачи

Промени ќе има и кај ознаките за различните видови на мотори. Новите ознаки ќе бидат пократки од оние кои во моментов се користат. Во иднина, ознаката „с“ на поклопецот на багажниот простор ќе означува мотор  кој работи на компримиран природен гас, „d“ ќе означува дизел, „е“ ќе означува електрично возило, „f“ ќе означува возило со горивна ќелија а „h“ ќе означува хибриден модел.

New nomenclature Mercedes-Benz drive systems



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.