full screen background image
Search

Тест: Volkswagen Tiguan Sport & Style 2.0 TDI 4Motion – Доверлив и верен пријател!

Категоријата на SUV автомобили од средната класа станува сè поинтересна за купувачите – а еден од најпопуларните претставници е токму Tiguan – моделот со кој ние поминавме неколку дена со цел подобро да ги запознаеме неговите вистински вредности.

Со освежувањето на Tiguan, Volkswagen визуелно го приближи малиот SUV до неговиот поголем брат – Touareg. Тоа и не е толку неочекувано, ако се земат во предвид премиум аспирациите на Volkswagen кои во последно време стануваат сè понагласени. Освежениот Tiguan изгледа за нијанса помодерно благодарение на почистите и поедноставни линии но сепак е веднаш препознатлив како Volkswagen, и што е уште поважно – веднаш препознатлив како „помал Touareg.” Чистите линии и јасната форма најавуваат возило кое самоуверено настапува меѓу конкуренцијата и е од првиот момент подготвено да покаже каде припаѓа – на предната страна веднаш се забележливи дискретните хромирани детали кои оддаваат чувство на резервиран луксуз без да бидат вулгарни, но сепак веднаш е јасно дека се работи за „народен“ автомобил кој сепак има главна задача да им го доближи квалитетот и чувството на робустност и луксуз и на обичните купувачи.

volkswagen-tiguan-siderear

Кога ќе ја отворите возачката врата на Tiguan ќе ве пречека ентериер кој најверојатно веќе добро го познавате. Веднаш ќе препознаете детали кои веќе сте ги сретнале кај некој друг модел на Volkswagen групацијата, и тука всушност се забележува дека Tiguan е во моментов еден од најстарите модели во гамата на брендот. Сепак, нека биде веднаш јасно – ова не е критика. Сепак, компонентите што се користени се веќе докажани и со врвен квалитет, но соодветно модернизирани за средновечно освежување на еден модел. Ергономијата е типично Германска – работите се интелигентно распоредени, веднаш е јасно кој прекинувач за што е наменет и генерално сè е лесно на дофат. Лесно се пронаоѓа добра возачка позиција благодарение на нагодувањето на возачкото седиште и управувачот, а самите седишта се навистина комфорни и обвиени со комбинација од платно и алкантара.

Едноставно, местото на возачот е навистина пријатна локација за поминување и повеќе километри, а во ентериерот преовладува импресијата за опиплив квалитет која сме навикнати да ја очекуваме од Volkswagen. Ќе забележиме на малку застарениот мултимедијален уред кој влече потекло од Golf VI и на некои од пластиките, особено во долната половина од централната конзола кои се потврди од другите, но од друга страна – тоа се пластики кои нема да ги допирате често.

Поврзано:   ABТ подготви електричен Volkswagen T6 Transporter!

volkswagen-tiguan-interior

Додека зборуваме за ентериерот, мораме да позборуваме и за неговата практичност. Совозачкото седиште по потреба целосно се преклопува и олеснува пренесување на подолги премети, или пак ќе му овозможи на патникот од задната клупа да „си ги испружи“ нозете, додека во задните делови на возачкото и совозачкото седиште има вградено масички за патниците на задната клупа. На задната клупа има доволно простор за двајца, по потреба и за тројца патници – но сепак, двајца ќе патуваат значително покомфорно. Во наслонот на задната клупа има вграден централен потпирач, а целата задна клупа се поместува нанапред или наназад. Задниот дел дополнително се навалува или се исправува за да се добие повеќе багажен простор или повеќе простор за патниците – одлично и практично решение, а на располагање стојат 470 литри багажен простор!

volkswagen-tiguan-interior2

Задолжен за придвижување на нашиот тестен Tiguan беше веќе добро-познатиот 2-литарски TDI мотор од гамата на Volkswagen. Турбодизелот со Common Rail технологија нуди 140 коњски сили при 4200 вртежи во минута, но значително поважни се 320-те Nm вртежен момент достапни од само 1750 вртежи во минута. Моќта се пренесува кон сите четири тркала преку DSG менувачот со седум степени на пренос и 4Motion систем за погон на сите тркала.

volkswagen-tiguan-frontside

Во реалноста, Tiguan се однесува како возило со погон на предните тркала – во скоро сите ситуации 90% од моќноста се пренесува на предните тркала, сè додека електронскиот мозок не забележи дека има проблеми со тракцијата. Во услови на некакво пролизгување до 100% од силата може да биде пренесена на задните тркала! Овој мотор и пренос се доволни да го забрзаат 1655 килограми тешкиот Tiguan до 100 километри на час за одлични 10.2 секунди и да постигнат максимална брзина од 186 километри на час. Вака опремен, Tiguan ветува потрошувачка од 6.3 литри.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави електричното I.D. Buggy!

Ние во градски услови забележавме потрошувачка од околу 7.8 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат измеривме нешто повеќе од 6 литри на 100 километри. Моторот реагира подготвено на командите од возачот а менувачот си ја врши работата без воопшто да го забележите. Во нормални услови на возење автоматскиот менувач веднаш граби кон повисоките степени на пренос со цел да ја намали потрошувачката, но во оној момент кога поагресивно ќе ја запознаете педалата за гас со патосникот под неа, менувачот веднаш реагира, „оди надоле“ неколку степени и Tiguan забрзува линеарно и со одлична доза на ентузијазам.

volkswagen-tiguan-rear

Турбодизел моторот лесно го задвижува Tiguan – а благодарение на тоа, маневрирањето во градски услови е прилично лесно, иако Tiguan не е баш толку мал автомобил. Маневрирањето и паркирањето дополнително го олеснуваат сензорите за паркирање, а за оние кои навистина паркирањето на тесните градски паркинзи им претставува проблем тука е и системот за автоматско паркирање. Со едно-две притискања на копче се одбира дали сакате да паркирате паралелно или бочно, го активирате системот кој додека се движите бара слободно паркинг место кое е доволно големо, го превзема управувањето и на вас останува да контролирате со педалите за гас и кочница. Процесот е лесен и интуитивен – и вистински благодет во одредени ситуации!

При возење, чувството кое го добивате од Tiguan е дека возите фамилијарен хечбек наместо некој голем теренец. Да, високата седечка позиција и повисоката суспензија го прават возењето малку подоминантно, но сепак чувството е дека возите нормален автомобил.Управувањето е предвидливо но без многу повратни информации, а суспензијата е комфорна без да има пренагласено навалување во свиоци, особено со оглед на големината на возилото. Во внатрешноста не се пренесуваат многу вибрации ниту пак несакани звуци, а буката е воглавно елиминирана благодарение на добрата звучна изолација, но сепак е во рамките на она што се очекува од ваков вид на возило.

volkswagen-tiguan-side

На самиот крај, вреди да се спомене целата опрема со која беше „наполнет“ нашиот тестен автомобил – почнувајќи од стандардните ESP, ABS, EBD и други безбедносни акроними, па се до мноштвото воздушни перничиња, спортските седишта, менувачот и управувачот обложени со кожа, мултимедијалниот уред чувствителен на допир со 8 звучници, двозонски автоматски клима уред, индикатор за притисок во гумите, сензор за дожд и светлина, фиоки под предните седишта, одличниот систем за автоматско паркирање, масичките во задните седишта, темпомат и уште навистина многу други работи кои ја комплетираат сликата.

Поврзано:   Volkswagen SMV Concept е најголемиот SUV на Volkswagen досега

volkswagen-tiguan-interior-details

Поминавме неколку дена и неколку стотици километри со Tiguan. Го пробавме како во град, така и на отворено и пробавме да ги дознаеме сите негови карактерни особини, но и неговите недостатоци. На крајот дојдовме до заклучокот дека предностите значително ги надминуваат неколкуте ситни забелешки, кои навистина – не се ни забелешки. Можеби дизајнот нема да му се допадне на некого, или ќе рече дека Tiguan е премногу анонимен – но во реалноста, Tiguan е компетентен мал SUV кој нуди одлична фамилијарна практичност и модуларност, но и комфор, безбедност и маратонски способности кои секој би можел да ги посака. Всушност, за безбедноста на Tiguan зборува и максималната оцена добиена на строгите EuroNCAP тестирања.

volkswagen-tiguan-euroncap

Конкуренцијата го притиска Tiguan – како семејната, така и од другите Германски брендови, но и од оние кои доаѓаат од далечниот исток. Сепак, Volkswagen го освежи Tiguan и го нуди со доволно опрема и технологија за да биде не само конкурентен, туку и сериозен кандидат за оние кои сакаат вакво возило. Веќе му се познаваат годините, но Tiguan сè уште одлично се бори со поновите конкуренти и храбро ги истакнува своите атрибути!

  • 2-литарски турбодизелски  мотор
  • Моќност: 140 коњски сили / 4200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1750вртежи во минута
  • Максимална брзина: 186 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.2 секунди
  • Должина: 4426 mm
  • Ширина: 1809 mm (без страничните ретровизори)
  • Висина: 1703 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2604 mm
  • Багажен простор: 470 литри
  • Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска); 6.3 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Tiguan Sport & Style 2.0 TDI 140 DSG 4Motion – 36.280 Евра
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.