Интересни гласини од Wolfsburg – инсајдерски информации зборуваат за уште R модели, можни се Passat и Polo R, но се зборува и за Golf GTD R!
Heinz-Jakob Neusser, одговорниот за развој на погони и платформи на Volkswagen, верува дека брендот може да има R-верзија од секој модел кој го нуди. Според него, оваа замисла е изводлива, но сепак зависи од побарувањата на потрошувачите и комерцијалната исплатливост. Тој изјавил дека компанијата има многу успех со R моделите, бидејќи тие се многу емоционални. Според него, типичните R-модели гледано од аспект на технологијата се највисокото нешто што Volkswagen може да го постигне, како што покажаа со Golf R400.
Сепак, иако од секој модел може да се добие R-варијанта, најисплатливи и најважни би биле Polo, Golf и новиот Passat. Интересна е забелешката дека лонгитудинално-поставени шест-цилиндрични мотори повторно се разгледувани, а можна е и опцијата за додавање на турбополнач на овие мотори. Дали тоа значи дека ќе добиеме Volkswagen Passat R36 со турбополнач? Можеби.
Истовремено, почнуваат да кружат и гласини за можна R изведба на Golf GTD – и ова е значително поблиску до реалноста. Volkswagen веќе има 2-литарски битурбо TDI мотор кој ќе го вградува во новиот Passat, кој испорачува 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Навистина би била интересна комбинацијата од 240 коњски сили, 500 Nm и 4Motion погон на сите четири тркала! Според Hanno Jelden од Volkswagen, моторот би го собрало во Golf без никакви проблеми заради флексибилноста на MQB архитектурата, но проблемот е што тоа е најтешкиот мотор кој во моментов се користи во таа платформа.