ТЕСТ: Volkswagen Polo 1.0 Comfortline – Како Golf, само помало! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Polo 1.0 Comfortline – Како Golf, само помало!

Освеженото Volkswagen Polo неодамна пристигна и кај нас – измените се мали но забележителни, а ние поминавме неколку дена со верзијата со 1-литарски мотор и 75 коњски сили!

Претпоставуваме дека не е лесно да се има поголем брат како Volkswagen Golf – лесно е да се остане во сенката на толку добар автомобил и никогаш да не се покажат вистинските таленти. Токму таква е приказната во Македонија со Volkswagen Polo – помалиот брат на Golf неодамна доби освежување , но промените се толку дискретни што ако трепнете можеби нема да ги видите. Изменетите предни и задни светлосни структури, малку затегнатите браници и неколку дискретни затегнувања на брчките тука и таму, и новото, освежено Polo е пред нас!

volkswagen-polo-carclub-rearside

Сепак, бидејќи ова е нашиот прв „официјален“ контакт со Polo, пред да зборуваме за новиот автомобил да позборуваме малку за историјата на моделот. Polo, како помал брат на популарниот Golf се појавува во 1975-тата година и тоа како клониран Audi 50. Нивната сличност одела до таму што ја делеле и интерната ознака Typ 86, а малиот Polo веднаш бил успех на пазарот – за 4 години биле продадени над 500.000 примероци! Низ петте генерации кои сме ги виделе досега видовме и одлични спортски модели, како Polo GTI од 3-тата генерација, па и Super2000 кое беше продукт на VW Racing од Јужна африка, кое можеше да се пофали со скоро неверојатни 256 коњски сили!

volkswagen-polo-carclub-exterior-details

Гледајќи го сегашниот модел веднаш е јасно дека зборуваме за член на Volkswagen фамилијата – линиите се чисти и остри, а дизајнот едноставен и помалку конзервативен. Сепак, благодарение на дискретниот фејслифт и чистите линии, Polo изгледа свежо, дури некако безвременски. Острите линии му даваат на Polo една доза на дискретна спортска агресивност која се провлекува околу целиот автомобил – иако нашиот тестен автомобил е со прилично ниско ниво на опрема, сепак е лесно да го замислиме Polo на сет поголеми фелни, притаен до подлогата, како ги покорува улиците и свиоците!

volkswagen-polo-carclub-interior1

Отворете ја возачката врата и ве пречекува ентериер токму онаков каков што и очекувате – созреан, изработен од квалитетни материјали и со врвна ергономија. Се сместувате во возачкото седиште и лесно пронаоѓате комфорна возачка позиција. Седиштата делуваат плитки, но нудат сосем доволно поддршка за возење и на подолги релации, а управувачот покрај по висина се нагодува и по длабочина – вистинска реткост во оваа класа! Она што веднаш станува забележливо е квалитетот со кој е изработен ентериерот – со оглед на класата, материјалите кои се користени се навистина квалитетни и фини на допир. Скоро и да нема груби и цврсти пластики, а гумираната пластика која е користена за обложување на централната конзола оддава чувство на рафинираност и квалитет. Единствено забележуваме на гумениот управувач – кој иако е добро димензиониран, сепак би сакале да беше обложен со кожа.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

volkswagen-polo-carclub-interior2

На централната конзола доминира едноставниот но корисен мултимедијален уред кој е чувствителен на допир, и истовремено ги прикажува и информациите околу автомобилот – потрошувачката, изминатите километри, преостанатите километри и други корисни податоци. Сè на сè – ова е пријатно и комфорно место за седење, а благодарение на стаклените површини прегледноста е одлична. На задната клупа има место за двајца – нека биде јасно, позади не е просторно како кај автомобили од една-две класи погоре, но има доволно место за двајца патници комфорно да патуваат. На располагање ќе имате 280 литри багажен простор кои нараснуваат на 952 литри со спуштени задни седишта, а благодарение на подвижната преграда на багажникот добивате и целосно рамен под со спуштени седишта за полесно пренесување на поголеми предмети.

volkswagen-polo-carclub-interior-details

Кога веќе зборуваме за патувањето мораме да напоменеме дека Polo ни приреди вистинско изненадување на отворен пат – звучната изолација е навистина на високо ниво а бучавата од моторот е соодветно пригушена. Дури и при брзини кои ги надминуваат дозволените во внатрешноста е прилично тивко и лесно е да се разговара со совозачот и сопатниците. Суспензијата е мека и одлично ги впива нерамнините од патот, па можеме со сигурност да кажеме дека и на подолги релации Polo е одличен партнер за поминување километри. Од друга страна, иако суспензијата е ориентирана кон комфор, управувањето е доволно прецизно за да може да понуди одредена доза на забава во возењето.

volkswagen-polo-carclub-front

Сега можеме малку да зборуваме и за погонската едицина на „нашето“ Polo. Малиот 1-литарски бензински мотор со три цилиндри всушност потекнува од најмалиот член на Volkswagen фамилијата – малиот Up. Моторот нуди 75 коњски сили при 6200 вртежи и 95 Nm вртежен моменти при 3000 вртежи во минута, а е впарен со 5-степен мануелен менувач. Опремен со овој мотор, на Polo му се потребни 14.3 секунди до 100 километри на час, а максималната брзина е 173 километри на час за која ќе ви биде потребен прилично долг правец за да ја постигнете. Сепак, држете го вистинскиот степен на пренос и напредокот е прогресивен и линеарен, иако не би можеле да го наречеме спортски. Од друга страна, благодарение на малиот и економичен мотор успеавме да измериме просечна потрошувачка од 6.5 литри бензин во градски услови, а на моменти таа бројка падна и на 5.9 литри – резултат што е навистина за поздрав! Вибрациите од моторот се скоро незабележителни а звукот е одлично изолиран. Можеби ова не би бил нашиот избор за мотор во Polo – ние би го избрале одличниот 1.2 TSI со 90 коњски сили кој забрзува „до стотче“ за нешто повеќе од 10 секунди – но сепак можеме да го препорачаме овој мотор како рационален избор за оној на кого поважна му е економичноста од перформансите.

volkswagen-polo-carclub-rearside2

Како дел од Comfortline нивото на опрема, нашето тестно Polo дојде со 15-инчни челични тркала, браници во боја на каросеријата со хромирани детали, рачки и ретровизори во боја на каросеријата, а ретровизорите се воедно електрични и со загревање, централна брава, возачко и совозачко седиште подесиви по висина, клима уред, мултимедијален уред со екран чувствителн на допир и слот за SD картичка, деллива и преклоплива задна клупа и уште некои ситници. Како дел од опремата доаѓаат и ABS систем против блокирање на кочниците, ESP систем против пролизгување и четири воздушни перници – можеби не е најбогатата опременост во класата, но сосема доволна. Додадете управувач обложен со кожа, темпомат и централен наслонувач за рацете и го имате идеалното Polo!

volkswagen-polo-carclub-fronttop

На крајот сам по себе се наметнува заклучокот дека Polo е како Golf, само помало. Привлечниот дизајн, одличната завршна обработка, корисниот простор и економичниот мотор се силни аргументи кои едноставно не смеат да се заобиколат, а благодарение на многуте мотори и комбинации на опрема лесно е да се најде Polo за сечиј вкус. За безбедноста зборуваат и 5-те ѕвездички на EuroNCAP тестирањата, па иако имаме некои генерални и ситни забелешки, тие се решаваат доколку отидете чекор погоре во нивоата на опрема. Polo можеби не е најновиот автомобил во сегментот, но дискретниот фејслифт и квалитетите кои сме навикнати да ги очекуваме од возилата на Volkswagen го носат на самиот врв меѓу конкурентите.

  • 1-литарски атмосферски бензински мотор
  • Моќност: 75 коњски сили / 6200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 95 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 173 км/час
  • Забрзување 0-100: 14.3 секунди
  • Должина: 3972 mm
  • Ширина: 1682 mm
  • Висина: 1453 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2470 mm
  • Багажен простор: 280 литри
  • Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска); 6.4 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Polo 1.0 Comfortline – 11.900 Евра
    Напомена: Во моментот на објавување на овој тест во тек е акција токму на овој модел на Volkswagen Polo. Наведената цена е акциска, редновната цена е 13.300 евра.
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk
Поврзано:  ПРЕМИЕРА: ВО чест на 50 години Golf - GTI Clubsport има 300 коњски сили!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.