full screen background image
Search

Игор Стефановски подготвен за македонско славје во Бузет!

На последната трка од овогодинешната сезона во Хрватска, најдобриот македонски возач заедно со стотина македонски фанови ќе го прослави и официјалното освојување на европската титула

Најдобриот македонски автомобилист и нов европски шампион на ридски патеки, Игор Стефановски-Иџе, викендов во Бузет, Хрватска ќе настапи на последната трка од Европското првенство на ридски патеки со која ќе ја заокружи својата најуспешната сезона во кариерата. Желбата е таа да се заврши во стил, односно онаму каде што Иџе мина најголем дел од годината – на највисокото место на пиедесталот. Освоената титула и осумте победи на 11. трки не ги задоволуваат апетитите на Иџе и има намера со триумф да ја прослави титулата, а со тоа да им овозможи уште поголема радост на стотината негови најверни фанови, кои отпатува во Хрватска за да бидат сведоци на најголемиот успех на македонскиот автомобилизам со што практично, за прв пат сезонава Иџе ќе ја има вистинската поддршка покрај патеката.

idze-buzet-fanovi

– Бузет е една од најлегендарните патеки од овој спорт како во регионот, така и во европски рамки. Има феноменална атмосфера од тамошната публика, перфектна организација и најсилна можна конкуренција. На неа традиционално учествува целата европска елита од овој спорт бидејќи се работи за последна трка од ЕП. Одиме во Хрватска да победиме и со стил да ја прославиме европската титула. Дополнителен мотив ќе ми биде и навивачкиот карван од Македонија кој ќе допатува во Бузет и сакам да им приредам убави моменти и сите заедно да го прославиме големиот успех. Моја желба е да поставам рекорд на патеката во мојата група N со што на вистински начин би ја потврдил титулата – изјави Стефановски.

Новиот шампион од организаторот доби ВИП третман и категорија на специјален гостин. Тој е ослободен од котизација за настап и има повластено место во распоредот на боксовите на екипите. Истото важи и за македонскиот карван составен од претставници од спонзорите, медиумите, навивачите и пријателите на тимот на Иџе кои ќе имаат бесплатен влез на патеката и посебен резервиран дел за следење на трката.

Што се однесува до конкуренцијата, во групата N во која спаѓа Иџе има пријавено дури 27 возачи од шест земји (Хрватска, Словенија, Чешка, Романија, Италија и Австрија). Севкупно, за сите шампионати за кои се бодува трката во Бузет се пријавени 222 екипажи.

Патеката во Бузет е домаќин на трките на ридски патеки уште од 1982 година. Од 2000 година успеа да се вброи во календарот од Европскиот шампионат. Долга е 5.001 метар со просечен успон од 5% и висинска разлика од 250 метри. Рекордот е 2:11.858 минути, а го држи Италијанецот Симоне Фаџиоли со Osella FA30. Рекордот што ќе го брка Иџе, за возила во групата N го држи домашниот ас и минатогодишен европски шампион на ридски патеки, Томислав Мухвиќ и изнесува 2:43.577 минути.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.