Премиера: BMW 2 Series Convertible; ќе има и M235i Convertible со 326 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: BMW 2 Series Convertible; ќе има и M235i Convertible со 326 коњски сили!

BMW се подготвува за саемот на автомобили во Париз, а таму ќе го претстави новиот кабриолет изведен врз Серијата 2 – BMW 2 Series Convertible!

Гледан како логично проширување на 2 Series гамата, BMW ја претстави кабриолет изведбата на овој модел. Новиот кабриолет е директен наследник на 1 Series Convertible но е значително поголем во секоја насока – новиот автомобил е долг 4432 милиметри (+72 милиметри), 1774 милиметри широк (+26 милиметри), меѓуоскиното растојание е зголемено за 30 милиметри и сега изнесува 2690 милиметри – а благодарение на зголемените димензии сега е полесен пристапот во ентериерот а багажниот простор е зголемен за 30 литри на 335 литри со затворен кров, односно за 20 литри на 280 литри со спуштен кров.

Сепак, најважен е токму новиот кров – автоматскиот покрив се отвора или затвора при брзини до 50 километри на час, а процесот трае само 20 секунди. Покривот ќе може да се нарача во три различни бои, во зависност од желбите на купувачот.

Во понудата ќе се најдат неколку мотори. На врвот секако е M235i Convertible кој благодарение на 3-литарскиот твин-турбо V6 има на располагање 326 коњски сили од 5800 вртежи и 450 Nm од 1300 вртежи. Забрзувањето до 100 километри на час трае 5 секунди доколку го нарачате со автоматски менувач, а максималната брзина изнесува 250 километри на час. Според BMW овој мотор троши само 7.9 литри на 100 километри, но добро знаеме дека тие бројки немаат никаква врска со реалноста.

Скалило подоле е BMW 228i Convertible кој има линиски 4-цилиндерски твин-турбо бензинец кој испорачува 245 коњски сили и 350 Nm. Со овој мотор забрзувањето „до стотка“ трае 6 секунди, а максималната брзина е ограничена на 250 километри на час. Овој мотор би требало да троши 6.8 литри на 100 километри.

Поврзано:  BMW 2 добива ненаметлив фејслифт

Најслабиот бензинец кој ќе се нуди е во форма на BMW 220i Convertible. Тука стојат на располагање 184 коњски сили и 270 Nm кои овозможуваат забрзување до 100 километри на час за 7.5 секунди и максимална брзина од 226 километри на час. Потрошувачката би требало да биде околу 6.5 литри на 100 километри.

BMW ќе понуди и дизелска варијанта, во форма на BMW 220d Convertible кој благодарение на 2-литарскиот турбодизел има на располагање 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае 7.4 секунди, максималната брзина е 225 километри на час а потрошувачката е 4.4 литри на 100 километри. Сите мотори ги задоволуваат EURO 6 стандардите за екологија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.