Peugeot во Париз ќе го претстави и спортскиот 308 GT! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot во Париз ќе го претстави и спортскиот 308 GT!

Францускиот производител го најавува новиот Peugeot 308 GT – кој ќе биде достапен во бензинска или дизел варијанта и ќе се бори со останатите спортски хечбекови!

До неодамна 200 коњски сили се сметаа за доволно кај спортските хечбекови, но во време кога конкуренцијата нуди помеѓу 230 и скоро 300 коњски сили, Peugeot 308 GT остава простор за уште поспортска GTi изведба. Сепак, перформансите не се за занемарување, а привлечниот дизајн на 308 нуди одлична основа за еден ваков спортски хечбек.

Во понудата ќе се најдат две изведби – едната верзија ќе носи 2-литарски HDi турбодизел со 177 коњски сили, а втората ќе има на располагање 202 коњски сили благодарение на 1.6-литарскиот THP турбо-бензинец. Колку за потсетување – Peugeot има значително помоќна верзија од истиот 1.6-литарски турбо-бензинец која испорачува 270 коњски сили и се вградува во RCZ-R.

Сепак, новиот 308 GT изгледа одлично – дизајнерите понудија ексклузивна боја која се нарекува „Magnetic Blue“ и која одлично му прилега на спортскиот 308. Автомобилот е поблиску до подлогата и поставен на привлечни 18-инчни фелни. Забележливи се новите отвори за воздух, додатоци на праговите и црн заден дифузер. Предните светла се целосно изведени во LED технологија и имаат вкупно 62 диоди со секвенционални трепкачи – и овие светла се уникатни за GT.

Суспензијата е 10-20% поцврста, напред има 330-милиметарски дискови, а позади има 268 или 290 милиметарски, доколку ја нарачате караванската изведба – да, можете да го добиете 308 GT и како караван.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.