Премиера: Volvo официјално го претстави новиот XC90 SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Volvo официјално го претстави новиот XC90 SUV!

Без сомневање – ова е еден од најважните модели на Volvo, а новите технологии, елегантниот дизајн и моќните мотори би требало да бидат адутите со кои Volvo ќе се бори да ги освои купувачите.

Дизајнот не е толку екстравагантен како што очекувавме, но сепак изгледа модерно и безвременски. Чистите линии и рамните површини потврдуваат дека тука се работи за премиум автомобил кој е подготвен да се впушти во борба со Германците. На предниот дел највеќе внимание бараат токму интересните предни светла кои изгледаат како чеканот на Тор, а големите хромирани површини оддаваат чувство на вистински луксуз. На задниот дел имаме модерна интерпретација на задните светла кои се карактеристични за XC90. Има и заден спојлер, и во зависност од изведбата, кружни или правоаголни завршетоци на издувниот систем. За оние кои сакаат поробустен изглед, Volvo ќе понуди дополнителни заштитни пластики на крилата, браниците и страничните прагови.

volvo-xc-90-side-rear

Сепак, местото каде е отидено чекор понатаму е ентериерот. Иако веќе знаевме дека ќе се добие минималистички дизајн, сепак сега имаме подобра шанса да видиме како тоа изгледа – и мораме да кажеме дека изгледа навистина привлечно и модерно. Минимализмот асоцира на премиум, а материјалите кои се користени би требало да се со највисок квалитет. Во внатрешноста може да се сместат до седум патници (совозачот + шест), а ќе седат на седишта обвиени во мека кожа, ќе уживаат во четири-зонскиот клима уред а ќе ги забавува Bowers & Wilkins аудио уред со 19 звучници и моќност од вкупно 1400 вати.

volvo-xc-90-interior

Според Volvo, втората генерација на XC90 е најмоќниот и најчист SUV на светот. Можеби не е најмоќниот (да се потсетиме на налудничавите верзии на BMW, Porsche, итн), но сепак благодарение на новите Drive-E мотори е навистина економичен и чист. Во понудата ќе се најдат дизелските D4 и D5, како и бензинските T5 и  Т6.  На врвот на понудата ќе биде T8 хибридот. Основниот D4 турбодизел ќе нуди 190 коњски сили и 400 Nm, а ќе троши само 5 литри на 100 километри. Помоќниот, D5 ќе нуди 225 коњски сили и 470 Nm, а ќе троши само 6 литри на 100 километри. Бензинскиот T5 ќе нуди 254 коњски сили и 350 Nm, додека помоќниот, турбо-компресорски T6 ќе нуди 320 коњски сили и 400 Nm.

Хибридот ќе биде придвижуван од 2-литарски  турбо-компресорски четири-цилиндричен мотор кој ќе ги придвижува предните тркала, како и 80-коњски електричен мотор кој ќе ги придвижува задните тркала. Има вкупна моќност од 400 коњски сили и 640 Nm вртежен момент, а ќе може да помине до 40 километри на електричен погон.

Поврзано:   Македонска премиера на новиот Volvo EX30!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.