Новиот Venom F5 на Hennessey ќе има на располагање 7-литарски твин-турбо V8 со повеќе од 1400 коњски сили, а автомобилот ќе тежи само 1300 килограми!
Екстремно ниската тежина ќе биде резултат на користењето на карбонски влакна и алуминиум за изработка на автомобилот. Длабоко во внатрешноста ќе биде скриен огромниот 7-литарски твин-турбо V8 кој веќе го знаеме од кaj Venom GT, но овој пат дополнително доработен да испорачува 1400 коњски сили наместо „само“ 1244 кои ги нуди кај Venom GT. Зголемената моќност се добива благодарение на поголемите турбополначи, зголемениот интеркулер, преработениот софвер и новиот систем довод на гориво.
Тјунерската компанија од Тексас претпоставува дека Venom F5 ќе забрзува од 0 до 300 километри на час побрзо од Venom GT, на кој му се потребни 13.63 секунди. Автомобилот ќе се нуди со ново-развиен автоматски менувач со една спојка кој ќе биде полесен од стандардниот менувач, и истовремено ќе понуди подобри перформанси. Дополнотелно, системот за контрола на стабилноста и тракцијата ќе користи и GPS компонента за „полесно да ја канализира огромната моќност на F5 и да понуди зголемени маргини на безбедност, без разлика дали е на тркачката патека или на улиците“.
Целосното претставување е планирано за следната година, а првите примероци ќе бидат испорачани кон крајот на 2016-тата година. Ќе бидат произведени најмалку 30 примероци а производството ќе започне кога ќе биде испорачан последниот Venom GT – до сега се направени 16 од вкупно 29 возила, а секое чини 1.2 милиони долари. Сигурни сме дека Venom F5 ќе биде уште поскап.