full screen background image
Search

Премиера: Volkswagen го претстави новиот Passat!

Германскиот производител на народни автомобили пред неколку часа ја претстави најновата генерација на успешниот Volkswagen Passat!

Дизајнот на новиот Passat може да се нарече еволутивен – бидејќи како и секогаш, тој влече инспирација од својот претходник, но истовремено изгледа модерно и авантгардно. Новиот Passat е 4767 милиметри долг, 1832 милиметри широк и 1456 милиметри висок, а тоа значи дека е 2 милиметри пократок, 12 милиметри поширок и 6 милиметри понизок од моделот кој е во заминување. Интересно е дека меѓуоскиното растојание е продолжено за скоро 80 милиметри на 2791 милиметар, а со тоа се добива и  повеќе простор во внатрешноста. Благодарение на веќе добро-познатата MQB платформа, новиот Passat е 85 килограми полесен од претходниот – најлесниот модел тежи само 1312 килограми.

volkswagen-passat-b8-side

Сите модели добиваат LED задни светла, а може да се нарачаат и LED предни светла кои автоматски го нагодуваат долгото светло за да не пречат на возилата кои се движат во спротивната насока. Поголем е и багажниот простор – за 21 литар (односно 47 литри кај Variant) и сега има вкупно 586 литри (односно 650 литри). Со спуштени задни седишта на располагање имате 1780 литри, кај караванската изведба.

Како што и очекувавме, Volkswagen ќе го нуди Passat со многу различни бензински и дизел мотори, а во понудата се најде и Plug-In хибридна верзија. Passat ќе се нуди со следите мотори:

  • 1.4 TSI со 125 коњски сили
  • 1.4 TSI со 150 коњски сили
  • 1.8 TSI со 180 коњски сили
  • 2.0 TSI со 220 коњски сили
  • 2.0 TSI со 280 коњски сили
  • 1.6 TDI со 120 коњски сили
  • 2.0 TDI со 150 коњски сили
  • 2.0 TDI со 190 коњски сили
  • 2.0 BiTDI со 240 коњски сили
  • 1.4 TSI Plug-In Hybrid со 211 коњски сили
Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen слави 45 години GTI со Golf GTI Clubsport 45!

volkswagen-passat-b8-variant

Најинтересен меѓу моторите е токму новиот 2.0 BiTDI со 240 коњски сили. Овој мотор ќе се нуди исклучиво со DSG автоматски менувач и 4Motion погон на сите четири тркала. Опремен со овој мотор, Passat ќе може да забрза до 100 километри на час за само 6.1 секунда и да постигне максимална брзина од 240 километри на час. Според Volkswagen, комбинираната потрошувачка на овој мотор изнесува само 5.3 литри на 100 изминати километри. Сите мотори ќе имаат Старт/Стоп систем, како и регенеративно кочење, и сите мотори ги задоволуваат EURO 6 стандардите за еколошка прифатливост.

volkswagen-passat-b8-interior

Во внатрешноста веќе ги нема традиционалните инструменти (барем кај повисоките нивоа на опрема) – тие се заменети со Active Info Display, односно 12.3- инчен TFT екран (како кај Audi TT). Кај некои модели ќе има и Head-Up дисплеј на посебен стаклен панел кој ќе ги прикажува информациите директно во линијата на гледање на возачот. Новиот Passat ќе се нудии со многу безбедносни и асистивни системи, како што се Side Assist, Rear Traffic Alert, Traffic Jam Assist, City Emergency Braking, Trailer Assist, Emergency Assist, и други. Ќе биде интересно да ги видиме сите овие играчки во автомобил од оваа категорија.

Сопствениците на новиот Passat ќе можат да го нарачаат својот автомобил веќе од следната седмица, а цените (во Германија) ќе започнуваат од 25.875 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.