full screen background image
Search

BMW официјално ја претстави новата генерација на X6!

За сите оние кои се љубители на големите теренци на BMW, но сакаат малку поурбана варијанта, BMW ја претстави новата генерација на X6!

Луѓето од одделот за маркетинг на BMW го означуваат X6 како SAV – односно Sports Activity Coupe и кажуваат дека ја „меша робустноста и разноликоста на BMW X моделите со спортската елеганција која е типична за спортските модели на брендот.“ Нам можеби не ни се допаѓа, но сепак X6 досега се има продадено во скоро 250.000 примероци – сосема доволно за BMW сериозно да го сфати предизвикот за развивање на втората генерација.

Силуетата на новиот X6 наликува на онаа кај првата генерација, но сепак се издвојува новиот преден дел кој има навистина многу детали кои го привлекуваат вниманието. Ентериерот е ист како кај најновиот X5, но новиот модел има дополнителни 10 литри багажен простор (вкупно 580) во однос на претходниот, односно дополнителни 75 литри за вкупно 1525 кога седиштата се спуштени.

bmw-x6-interior

Меѓуоскиното растојание останува исто како и досега – 2933 милиметри, но автомобилот е сега 32 милиметри подолг, 6 милиметри поширок и 33 милимери повисок од досегашниот модел. Тоа значи дека е долг вкупно 4909 милиметри, широк 1989 милиметри и 1702 милиметри висок.

Европските купувачи ќе можат да го набават новиот X6 од декември и ќе се нудат три мотори кои преку 8-степен автоматски менувач ќе ја пренесуваат силата кон сите четири тркала. Најниско во понудата е xDrive30d кој нуди 258 коњски сили од 3-литарскиот линиски турбодизел кој постигнува 100 километри на час за 6.7 секунди и постигнува максимална брзина од 230 километри на час. Според BMW, овој модел ќе троши 6 литри дизел на 100 изминати километри.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: BMW M3 се лизга на снежната тркачка патека Јарама

Едно скалило погоре е xDrive50i кој има 450-коњски 4.4-литарски би-турбо V8 бензинец. Благодарение на овој мотор, мамутскиот X6 ќе постигнува 100 километри на час за 4.8 секунди и максимална брзина од 250 километри на час. Потрошувачката би требало да биде 9.7 литри на 100 километри, но сите знаеме дека нема да биде толку ниска.

bmw-x6-side

Конечно, Европјаните ќе можат да го изберат и M50d моделот кој има 3-литарски линиски турбодизел со шест цилиндри и три турбополначи. Овој мотор испорачува 381 коњска сила и 740 Nm вртежен момент, доволни за 5.2 секунди „до стотка“ и 250 километри на час. Декларираната потрошувачка е 6.6 литри на 100 километри на час. Следната година ќе бидат достапни уште два нови мотори – бензинскиот xDrive35i со 306 коњски сили и xDrive40d дизелот со 313 коњски сили. Секако, се планира и X6M кој ќе биде со големиот турбо-бензинец со преку 550 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.