ТЕСТ: Volkswagen Golf 1.2 TSI Trendline – Вовед во Golf! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Golf 1.2 TSI Trendline – Вовед во Golf!

Веќе поминавме неколку стотици километри зад воланот на Volkswagen Golf од седмата генерација, но сега имавме шанса да го пробаме во неговата основна и најевтина варијанта!

Кога минатиот пат поминавме неколку дена со Volkswagen Golf, стануваше збор за модел опремен со 2-литарски TDI турбодизел со 150 коњски сили и највисокото – Highline – ниво на опрема. Сега пред нас е „основниот“ Golf, опремен со најмалиот мотор кој се нуди во него. Она што на прв поглед се забележува е дека скоро и да нема забележливи визуелни разлики меѓу Golf во Trendline и Highline ниво на опрема. Да, тука недостасуваат дискретно затемнетите задни светлосни групи, како и алуминиумските фелни, но главните надворешни, визуелни разлики завршуваат тука. Ова може да биде прифатено од обете страни – од една страна, ако некој плаќа повеќе пари за поопремен Golf, тоа би требало да биде веднаш забележливо. Од друга страна, убаво е што и основната верзија на прв поглед изгледа скоро „исто толку скапо“ како и поскапите, поопремените верзии.

volkswagen-golf-rear

Golf VII веќе стана редовен на нашите улици – популарноста на автомобилот по кој цела една класа го носи своето име едноставно не се намалува. Еволутивниот развој на Golf успеа да им понуди на купувачите автомобил кој како да не застарува. Да, има некои детали кои не ни се допаѓаат на екстериерот, но во главно, ова е автомобил кој (доколку соодветно го опремите, секако) изгледа модерно но истовремено им оддава почит на своите предци.

Ја отвораме возачката врата и се сместуваме во ентериерот. Лесно се пронаоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – возачкото седиште се нагодува во скоро сите насоки, а управувачот се нагодува како по длабочина, така и по висина. Првичните импресии се дека сепак тука не зборуваме за „основно ниво на опрема.“ Управувачот и менувачот се обложени со квалитетна и мека кожа, сите прекинувачи имаат одличен хаптички фидбек кој оддава премиум чувство и материјалите кои се користени во внатрешноста се на завидно ниво – дури и сивиот пластичен материјал со кој е покриена централната конзола повеќе ни се допаѓа од Пијано црните облоги во Highline пакетот кои се магнет за прав и отисоци од прсти.

volkswagen-golf-interior1

Единствено, имаме забелешка на седиштата – иако се комфорни, им недостасува повеќе странична поддршка. Од друга страна, користењето на менувачот е вистинско уживање и маневрирањето низ градскиот метеж е лесно. Ни недостасува темпомат во ова ниво на опрема со што би се олеснило возењето на отворено, но сепак тоа е достапно или со доплата, или кај повисоко ниво на опрема.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Освежениот Golf R има 333 коњски сили!

volkswagen-golf-details

Малиот, 1.2-литарски TSI мотор испорачува 85 коњски сили на 4300 вртежи и 160 Nm вртежен момент достапен од 1400 до 3500 вртежи во минута. Малиот мотор го забрзува Golf до 100 километри на час за респектабилни 11.9 секунди и забрзува сè до максималните 179 километри на час – во ред, не се тоа перформанси од кои застанува здивот, но се доволни за движење како низ град, така и на отворено – но сепак на отворен пат ќе треба да посветите малку повеќе внимание на секое претекнување. Сепак, моторот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас и истовремено е прилично економичен – ние во град измеривме потрошувачка која изнесуваше некаде околу 6.5 литри на 100 изминати километри – но таа очекувано расте доколку станете попријателски настроени кон гаста.

volkswagen-golf-dials

Во возење, Golf е токму онаков какво што и би очекувале – комфорен, тивок и беспрекорно воздржан. Моделите кои се опремени со мотори со помалку од 120 коњски сили доаѓаат со таканаречена торзиона задна оска наместо понапредниот мултилинк – и ова е жешка точка за дискусија кај критичарите. Мултилинкот нуди поагилно управување и поголема стабилност, но од друга страна поедноставната суспензија кај другите, поевтини модели ја намалува иницијалната цена на автомобилот, а истовремено е поевтина за долгорочно одржување. Комфорот е незначително намален и разликата се чувствува само при услови на возење кои се далеку од секојдневни. Дали би сакале мултилинк на задната оска? Секако. Дали и покрај недостатокот на мултилинк Golf е комфорен како за возење, така и за управување? Апсолутно.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: ВО чест на 50 години Golf - GTI Clubsport има 300 коњски сили!

Golf 7 доби одлични 5 ѕвездички на тестирањата на EuroNCAP, а дури и во основното ниво на опрема доаѓа со 7 воздушни перници, ABS, EBD и ESP контрола на стабилноста – но и со систем за прикочување при незгода кој го спречува автомобилот да продолжи да се движи по некоја несакана случка.

golf-euroncap

Кога веќе зборуваме за опремата, да напоменеме дека секој Golf доаѓа со електронска рачна кочница, систем за помош при тргнување на угорнини, XDS електронски преден диференцијал (кој кај минатата генерација беше достапен само кај Golf GTI), како и мултимедијален уред осетлив на допир со слот за мемориска картичка, двозонски клима уред, електрика на предните и задните прозорци и уште многу ситници. Како што напоменавме, би сакале да добиеме и темпомат кој би ја комплетирал сликата.

volkswagen-golf-rear2

Значи – Golf 1.2 TSI Trendline е одличен вовед во Golf фамилијата. Сосема солидно опремен и со мотор кој иако не нуди врескачки перформанси, нуди сосема доволно за движење низ град, основниот Golf ги нуди докажаните квалитети кои ги очекуваме од него. Цената сè уште го двои од конкуренцијата, која нуди модели кои во основното ниво на опрема чинат помалку – но навистина ретки се оние кои ќе ја достигнат рафинираноста и комплетноста на Golf.

  • 1.2-литарски турбо-бензински мотор, четири цилиндри
  • Моќност: 85 коњски сили / 4300 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 160 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 179 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.9 секунди
  • Должина: 4255 mm
  • Ширина: 1799 mm
  • Висина: 1452 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2637 mm
  • Багажен простор: 380 литри
  • Потрошувачка: 5.9 (официјална, градска), 6.6 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Golf 1.2 TSI Trendline – 14.990 Евра
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk
Поврзано:  Пристигна освежениот Volkswagen Touareg

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.