ТЕСТ: Fiat Panda 1.2 Easy – Италијански шарм и големи насмевки! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat Panda 1.2 Easy – Италијански шарм и големи насмевки!

Fiat Panda е едно од оние мали возила кои се едноставно кул. Италијанскиот шарм е неизбежен а дружењето со Panda многу лесно измамува насмевка на лицето.

Конечно, со мало закаснување, новата Panda пристигна и кај нас. Ова е само трета генерација на овој мал автомобил, но Panda се произведува уште од 1980-тата година и Fiat досега има продадено повеќе од 6.5 милиони примероци!

Тоа значи дека без сомнение, ова е важен автомобил за Fiat и дека заслужува повеќе внимание. На прв поглед, веднаш е јасно дека пред мене стои Panda. Дизајнот е очигледна и привлечна еволуција на оној кај претходниот модел. Генералната форма е задржана и дури го има и оној малиот трет прозорец од страна по кој беше препознатлива минатата Panda. Сепак, новата генерација е заоблена и дизајнот е омекнат, следејќи ги светските трендови. Како на надворешноста, така и во ентериерот лесно се препознава главната форма на новиот дизајн – која можеме да ја наречеме Squircle, односно квадрат со заоблени агли.

fiat-panda-rear-side

Она што навистина привлекува е неагресивноста на дизајнот – во период кога сите се обидуваат да понудат спортски дизајн кој привлекува со агресивност и доминантност, Fiat нуди една привлечна, пријателска и дружељубива алтернатива – Panda привлекува со својата смиреност од првиот момент. Меките и заболени линии совршено му одговараат на карактерот на едно мало градско возило кое треба да има смирувачко влијание врз возачот во градските метежи.

fiat-panda-interior

Ја отворам вратата и во внатрешноста ме пречекува пријателска атмосфера. Истите Squircle форми се лесно препознатливи и во ентериерот – и се едноставно насекаде. Од формата на инструментите, до скоро сите прекинувачи, па сè до воланот и менувачот. Зад воланот лесно се наоѓа комфорна возачка позиција а прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини – се гледа дека ова е примарно градски автомобил.

Поврзано:  Во Крагуевац стартуваше производството на новата Fiat Grande Panda

Во внатрешноста доминираат тврди пластични површини кои би можеле да бидат малку помеки и попријатни на допир, но сепак се во нивото на она што е очекувано во класата. Сите прекинувачи се пријатни за користење а контролите се јасни и лесно разбирливи, и лесно се користат без воопшто да треба да го вртите погледот кон нив. Менувачот е поставен високо и блиску до управувачот, па менувањето брзини е лесно.

fiat-panda-interior-bits

Понудата на простор е повеќе од задоволителна – во Panda има сосем доволно место за четворица и на никого нема да му недостасува простор, освен можеби ако на предните седишта не седат луѓе повисоки од вообичаено, па на патниците на задната клупа да им недостасува простор за нозете. Сепак, ова е градски автомобил и просторноста е над просекот во класата.

Опремена со 1.2-литарскот бензински мотор кој добро го познаваме, Panda лесно се движи низ градските улици. Моторот испорачува 69 коњски сили на 5500 вртежи во минута и 102 Nm вртежен момент при 3000 вртежи во минута, а тоа значи забрзување до 100 километри на час за 14.2 секунди и максимална брзина од 164 километри на час. Официјално, Panda опремена со овој мотор троши 6.7 литри на 100 изминати километри во град – бројка која е многу блиску до онаа која ние ја измеривме, односно околу 7.3 литри на 100 километри во градски услови.

fiat-panda-exterior-bits

Како што веќе напоменав, Panda одлично се снаоѓа по градските улици – прегледноста е одлична, а благодарение на лесниот серво управувач со City режим маневрирањето и паркирањето е едноставно и изводливо без никаков напор. Panda не е автомобил кој нуди спортски карактеристики, па немојте ни да ги барате – при побрзо атакување на свиоци изразено е навалувањето,  но тоа може и да се очекува од автомобил кој има малку поголемо оддалечување од подлогата. За сметка на тоа, Panda сосема добро ги абсорбира нерамнините и на возачот и патниците им нуди комфорно патување. За поздрав е и багажниот простор кој нуди зафатнина од 225 литри!

fiat-panda-rear-2

Тестниот модел дојде со Easy ниво на опрема, а тоа значи централна брава со далечинско, клима уред, радио-ЦД со MP3 поддршка, електрично подигнување на предните прозорци, многу воздушни перничиња, ABS, EBD, деллива задна клупа и уште многу ситници кои го олеснуваат секојдневното живеење со малата Panda. Ако на сето ова ја додадете и насмевката која без сомнение ќе се појави на вашето лице кога ќе седнете зад воланот, тогаш слободно можам да кажам дека Fiat повторно има вистински хит во своите раце!

  • 1.2 литарски атмосферски бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 69 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 102 Nm / 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 164 км/час
  • Забрзување 0-100: 14,2 секунди
  • Должина: 3653 mm
  • Ширина: 1643 mm
  • Висина: 1551 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2300 mm
  • Багажен простор: 225 литри
  • Потрошувачка: 6,7 (официјална, градска), 7,3 (измерена, градска)
  • Fiat Panda 1.2 Easy – 10.190 Евра
Поврзано:  Fiat го паузира производството на електричниот 500е

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.