ТЕСТ: Ford Mondeo 2.0 TDCi Trend – Почувствувајте се како James Bond! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Mondeo 2.0 TDCi Trend – Почувствувајте се како James Bond!

Mondeo е модел кој беше лансиран во сега веќе далечната 2007 година, но тоа не значи дека не е конкурентен автомобил – баш напротив – кандидатот на Ford сеуште е при самиот врв во класата!

Да започнеме од самиот почеток – ова е привлечен автомобил. Дизајнот одлично го издржа тестот на годините, а дискретниот фејслифт ги затегна брчките и им даде малку помлад и помодерен лик на деталите со кои Mondeo се издвојува. Впрочем, ако Mondeo е доволно добар за James Bond, тогаш сигурно е доволно добар и за нас. Освежувањето донесе дискретни промени во внатрешноста и на надворешноста, сосем доволно да ни даде на знаење дека Ford автомобил кој е подготвен за борба. Формите се чисти и никаде нема непотребни линии – кои стануваат тренд во автомобилскиот дизајн – и кои само би ја нарушиле хармонијата на еден од најдобрите дизајни на Ford изминативе години.

Mondeo е автомобилот со кој Ford секогаш покажува што знае и умее – и неоспорно е дека истото е направено и со овој модел. На прв поглед, краевите на автомобилот како да се во различни временски зони. Да, Mondeo изгледа навистина многу голем, највеќе благодарение на дарежливото меѓуоскино растојание од 2850 милиметри. Верувајте ни, Mondeo изгледа толку голем, што никој нема да ви се налути ако при застанување од прозорецот пуштите сидро.

Но немојте да нé разберете погрешно – Mondeo не е крстосувач за седумте мориња – Mondeo е автомобил кој одлично се снаоѓа на асфалтираните патишта и токму таму припаѓа.

Не смееме да зборуваме за Mondeo без да ги напоменеме возните карактеристики – а тука Mondeo е на врвот во класата. Онаму каде конкурентите се добри, Mondeo е навистина одличен. Управувањето е директно, прецизно и со повеќе повратни информации од подлогата во споредба со она кое конкурентите го нудат. Суспензијата е цврста но комфорна и автомобилот ги впива нерамнините од патот без во ниеден момент возењето да стане непријатно и да се наруши мирот во возењето. Mondeo е возило за фамилијарниот човек кој ужива зад воланот!

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

Фамилијарниот човек покрај во одличните возни својства, ќе ужива и во навистина завидниот комфор. На предните седишта, но особено на задната клупа има навистина многу простор, но и простор во багажникот за да ја спакувате цела ваша покуќнина и да се преселите во еден замав – дури 528 литри, односно 1448 литри со спуштени задни седишта. Материјалите во внатрешноста се во линија на она што е очекувано во оваа класа, а нам особено ни се допадна централната конзола која е обложена со мек материјал кој продолжува надолу помеѓу двете предни седишта. Ергономијата е воглавно задоволителна и командите се лесно достапни. Прегледноста е сосем добра, но со оглед на димензиите на Mondeo, малку нé разочара недостатокот на паркинг сензори кои дефинитивно би го олесниле паркирањето и маневрирањето во градски услови. Од друга страна, нашиот тестен модел дојде опремен со двозонски клима уред, електрика на сите прозорци, грст системи за активна и пасивна безбедност и уште многу други ситници. Она што ние би го додале да го комплетираме изгледот на овој автомобил е сет на алуминиумски фелни кои навистина му недостасуваа.

Опремен со 2.0 TDCi дизелскиот агрегат кој нуди 140 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, автомобилот гладно ги голта километрите и возењето е вистинско уживање, но истовремено може да се пофали со исклучителна штедливост. При нашето тестирање не успеавме да забележиме потрошувачка поголема од 7 литри на 100 изминати километри, а тоа е одличен резултат за волку голема фамилијарна лимузина. На отворен пат Mondeo е исклучително тивок автомобил и би бил одличен сопатник и на интер-континентални патувања.

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Како што веќе напоменавме, моторот нуди 140 коњски сили и 320 Nm вртежен  момент. Благодарение на овие бројки, Mondeo забрзува до 100 километри на час за 9.5 секунди и ќе продолжи да забрзува се до 210 километри на час. Ниту безбедноста не е за потценување – Mondeo освои максимални 5 ѕвездички за заштита на патници и 4 ѕвездички за заштита на деца на EuroNCAP тестирањата.

По сето ова, Mondeo повторно се наметнува како еден од предводниците во класата. Агилноста и комфорот се силни адути со кои Mondeo се издвојува од конкуренцијата, а привлечниот дизајн и по неколку години сеуште изгледа свежо и модерно. Како што еднаш веќе рековме – ако е доволно добар за James Bond, сигурно е доволно добар и за нас, а искрено, потајно сите сакаме да бидеме како James Bond понекогаш.

  • 2.0-литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 140 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1800 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 210 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.5 секунди
  • Должина: 4778 mm
  • Ширина: 2078 mm
  • Висина: 1500 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2850 mm
  • Багажен простор: 528 литри
  • Потрошувачка: 6.0 (официјална, градска), 7.0 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Mondeo Trend 2.0 TDCi 140 – 19.900 Евра
    + Металик боја  – 600 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.