full screen background image
Search

Renault Clio R.S 200 EDC – 200 коњски сили, онака „за до трафика“

Малиот нервозен французин ќе го трансформира одењето по леб во вистинско уживање!

Денешниот ден донесе многу среќа и возбуда кај нас! „Леле, леле Св. Валентин!!“ – Не. Ни под разно! „Епа тогаш, леле, леле, Св. Трифун, ќе пиеме!!“ – Не. Ни тоа. Денеска Renault се реши да ја претстави најмоќната изведба на исклучително популарниот градски компакт, која доаѓа во облик на фантастично мало пакување, кое изгледа како да ќе прсне од што му „набиле“ премногу мускули. Уште на почетокот ќе се извиниме поради многукратното користење на „агресивно“, „спортско“, „динамично“, „нервозно“ и нивните синоними, но кога ќе ги погледнете фотографиите, ќе ви стане јасно зошто е тоа така.

Новото Clio ни се допаѓа. Многу. Оваа, „генетски модифицирана“ изведба ни се допаѓа многу, многу повеќе! Нагласените агресивни и динамични линии го дефинираат надворешниот изглед, без разлика од кој агол ќе погледнеме. Намрштената предница со гордост го истакнува семејното лого, бесрамно навестувајќи дека ова Clio не е за правење тури низ бутиците и трговските центри. Не, ова Clio е за уживање на отворени, планински, кривулјави, релативно тесни патишта, каде што ќе можете да го грабнете воланот, и „да му ја извадите маста“. Имајќи ги предвид другите модели кои го носат или го носеле додатокот “R.S.”, односно “Renault Sport”, овaа мисија несомнено ќе биде лесно остварлива.

Степенот на агресија не стивнува ни кога ќе продолжиме да го набљудуваме Clio R.S. 200 EDC од страна. Проширените и набрекнати крила, заносните црни бандажи низ кои ѕиркаат црвените сопирачки, високата бочна линија на вратите и упадливата комбинација од динамични линии во долниот дел, ја продолжуваат приказната која ја почнува предницата. Ни задниот дел не останува нешто покус, во оставањето на силен спортски впечаток.

Поврзано:   Давид Малинковски повторно одличен на патеката во Гробник!

Нискиот заден ветробран и широките столбови ќе го отежнат возењето наназад, но, рака на срце, не ни прави многу разлика тоа. Зошто? Поради тоа што, во околината на тој заден ветробран се наоѓаат кровниот спојлер, одлично димензионираните светлосни групи и масивниот заден браник, во кој е интегриран дифузер за воздух, на чии краеви ги забележуваме цевките од издувниот систем. Овој изглед, во пакет со жолто – црната комбинација на бои со сигурност ќе ги привлече погледите на многу, ако не и на сите случајни минувачи, учесници во сообраќајот, патници во автобус, работници на градилиште итн.

Во внатрешноста доминира црната боја. Хромираните детали, црвеното опшивање на профилираните седишта и воланот, и елементите низ кабината кои „бодат очи“ со силната црвена боја, или смируваат со глаткиот „пиано“ финиш, го прават ентериерот на Clio R.S. 200 EDC прекрасно место за престој.

Се подразбира дека целиот овој труд на дизајнерскиот тим би бил залуден, доколку инженерите во машинското одделение седеле со скрстени раце. Среќни сме што тоа не е случај. Имено, за Clio R.S. 200 EDC да вози толку добро како што изгледа, се грижи 1.6 литарскиот бензинец со турбо натполнење, кој развива моќност од 200 КС и вртежен момент од 240 Nm, достапни од околу 1750, па се’ до 6000 вртежи. Моќноста која ја испорачува моторот го пронаоѓа својот пат до тркалата преку менувачот со двојна спојка (EDC – Efficient Dual Clutch) и електронскиот диференцијал развиен од момците од Renault Sport дивизијата.

Сето тоа придонесува спринтот до 100 km/h да трае само 6,7 секунди, и да трае се’ до 230 km/h, што се импресивни бројки за нешто што во основа е мал градски хечбек.
Како поинтересни технолошки новитети ќе ги издвоиме потпирањето на двојни хидраулични амортизери кои ќе се потрудат да го држат автомобилот стабилно во свиоците, кога ќе се решите да го искористите неговиот вистински потенцијал, и “R.S. Drive” системот, кој ви нуди избор од различни видови на „домашно воспитување“ кај овој автомобил, односно “Normal”, “Sport” и “Race”.

Поврзано:   Renault ја објасни во детали својата електрична стратегија

Овие нагодувања се достапни со едно просто притискање на копче при што делумно (“Sport”), или целосно (“Race”) се менува карактерот на овој навидум градски автомобил (“Normal”).
Од Renault велат дека и покрај нагласениот спортски карактер на Clio R.S. 200 EDC, комбинираната потрошувачка изнесува само 6.3 литри на 100 километри. Да бидеме искрени, малку сме скептични за ова оптимистичко тврдење на Французите, но ете, ќе почекаме да видиме како оваа изведба на Clio ќе се покаже на тестирањата. На матичниот пазар, почетната сума која ќе треба да ја издвоите изнесува малку под 25000 евра, додека цената за нашиот пазар сеуште не е позната. Она што го знаеме е дека дефинитивно би сакале да го поседуваме овој исклучително способен француски спортист.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!