Официјално: BMW Серија 3 GT – Мега Галерија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: BMW Серија 3 GT – Мега Галерија

BMW официјално ја претстави новата попрактична, но и помалку атрактивна верзија од нивниот најпродаван модел – Серијата 3.

Следејќи го примерот на Серија 5 GT, BMW ја претстави Серија 3 GT, која претставува пет-вратна лифтбек верзија од компактниот луксузен седан наменет за оние кои сакаат попрактична варијанта од Серија 3, но не сакаат караван.

Серија 3 GT е базирана на караван варијантата, но е 200mm подолга, за околу 80mm повисока и 20mm поширока, со 110mm подолго меѓуоскино растојание. Таа исто така го присвои дводелниот дизајн на задната врата кој дебитираше кај 5 GT.

Зголемените димензии ќе нудат попросторна кабина. Според BMW, патниците на задната клупа ќе имаат скоро 70mm повеќе место за нозете, возачката позиција е повишена за 60mm за да се подобри видливоста, додека багажниот простор е зголемен за 25 литри на максимални 520 литри со исправени седишта.

Дизајнот на целиот автомобил се разликува од останатите верзии на Серија 3. На предниот дел се забележува поистакната интерпретација на бубрезите, додека пак сите четири врати располагаат со дизајн како на купе, без рамки околу прозорците.

Европските купувачи ќе имаат избор од три бензински агрегати, 320i – 2.0-литарски турбо мотор со 184кс, 328i – 2.0-литарски турбо мотор со 245кс и 335i – 3.0-литарски реден шестцилиндарски турбо мотор со 306кс. Понудата на дизел агрегати ќе ја опфаќаат два четири цилиндарски дизели, 318d со 143кс и 320d со 184кс. Моделите со погон на сите тркала се очекува да се придружат на гамата малку подоцна.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.