full screen background image
Search

Официјално: Новиот, освежен Mercedes-Benz E63 AMG

Mercedes-Benz ги обнови E63 AMG седан и караван верзиите со поагресивен изглед и подобрувања во перформансите за да ги зголеми шансите во борбата на спортски луксузни автомобили.

Обновениот Е63 AMG настапува со далеку поагресивен преден дел кој сега има едноделни светла, нова решетка и браник со големи отвори за воздух, како и централен сплитер кој го подобрува протокот на воздух под возилото. Одназад, браникот е редизајниран и интегрира нов дифузер со четири трапезоидни издувни цевки.

Под поклопецотсе наоѓа истиот 5.5-литарски V8 твин-турбо агрегат, но AMG го засили на 557 кс кои ги остварува при 5,500 вртежи и 720 Nm помеѓу 1,750 и 5,250 вртежи во минута. Овие бројки му овозможуваат на моделот забрзување од 0-100 км/ч за 4.2 секунди, додека 4MATIC верзијата со погон на сите тркала го прави тоа за само 3.7 секунди. Силата се пренесува кон тркалата преку седум-степена трансмисија со двојна спојка.

Во понудата ќе биде и уште посилен E63 4MATIC S модел со 33/67 распределба на погонот напред/назад, како и уште посилна верзија од истиот мотор која испорачува 585 кс и 800 Nm вртежен момент. Кај оваа верзија забрзувањето од место до 100 км/ч се скратува за една стотинка, но и двете верзии имаат електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч.

Стандардниот модел вози на 19-инчни алуминиумски тркала со 10 краци во титаниум сива боја додека кај S-моделот се во посјајна боја за да се разликува. Други работи по кои може да се разликува моделот со поголема сила се црвените поклопци на сопирачките, хромираната боја на сплитерот и хоризонталната линија над таблицата, како и “S” назнаката на задниот дел.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes го претстави новиот електричен кросовер EQB

Ентериерот е во црна боја со контрасни сиви шевови, сиви појаси, горе и доле зарамнет волан обложен со кожа и алкантара, како и 1,200 ватен Bang & Olufsen аудио систем со 14 звучници.

Новиот Е63 AMG за првпат јавно ќе биде прикажан на автомобилскиот саем во Детроит. Верзиите со погон на задните тркала ќе излезат во продажба во Април, додека 4MATIC и S-моделот ќе следат во Јуни.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.