ТЕСТ: Volkswagen Up! 1.0 – Големиот малечок Германец! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Up! 1.0 – Големиот малечок Германец!

Најмалиот член на фамилијата на Volkswagen може многу да понуди, а ние се уверивме во тоа кога ја имавме можноста да се дружиме со малиот Volkswagen Up!

Една предрасуда која мораме да ја разбиеме веднаш, е онаа дека Up е мал автомобил. Димензиите можеби се компактни – Up е долг 3450 милиметри, широк е 1641 милиметри, а висок е 1489 милиметри – но автомобилот нуди навистина многу простор. Меѓуоскиното растојание e 2420 милиметри, а тоа значи дека тркалата се поставени на самите краеви на каросеријата. Ваквата поставеност на тркалата гарантира многу простор во внатрешноста.

Всушност, во внатрешноста има толку многу простор, што ние успеавме да седнеме четворица „покрупни“ пријатели покрај возачот, кој самиот не се вбројува меѓу ситните луѓе.

Кога веќе зборуваме за внатрешноста, мораме да нагласиме дека во ниеден момент не почувствуваме дека иако сме во мал автомобил, дека сме во евтин автомобил. Материјалите и изработката се типично Германски, односно квалитетни и на самиот врв во оваа класа. Ова е автомобил кој возач на некој голем Германски седан би можел да го има како градско возило без воопшто да се почувствува дека седнал во нешто евтино! Ергономијата е на завидно ниво, но не разочараа некои ситни детали – како на пример недостатокот на прекинувач за совозачкиот прозорец на возачката врата, но и механизмот за преклопување на седиштата за пристап кон задната клупа – при секое влегување и излегување на патник од задните седишта возачот ќе мора повторно да го нагоди седиштето онака како му одговара.

Од друга страна, прегледноста е навистина одлична, а просторот е максимално искористен. Во градски услови паркирањето е лесно благодарение на големите стаклени површини и корисните ретровизори. Нѐ изненади и рафинираноста на Up на отворен пат – при повисоки брзини во внатрешноста е навистина мирно, а звучната изолација е подобра од некои автомобили кои се и две класи поголеми!

Поврзано:   Среќен 50-ти роденден, Volkswagen Golf!

Кога размислувавме како најдобро да ја прикажеме големината на Volkswagen Up во реални услови, дојдовме до идеја да го споредиме со некој друг автомобил. Размислувавме со каков автомобил најдобро би можеле да го споредиме, и дојдовме до заклучок дека најдобрата и најлогичната споредба би била со Hummer H2.

Шегата на страна, но кога ќе го видите лилипутанскиот Up поставен до огромниот H2, тогаш навистина стануваат јасни димензиите и пропорциите на малечкиот Германец.

Она што нѐ израдува кај Up покрај одличната понуда на простор, е и новиот 3-цилиндерски агрегат со зафатнина од 1000 кубни сантиметри, моќност од 60 коњски сили и вртежен момент од 95 Nm. Иако ова е „послабата“ понуда, моторот сепак сосема добро го придвижуваше автомобилот тежок 929 килограми. Забрзувањето до 100 километри на час трае 14.4 секунди, бројка која се чини многу помала во реалноста. Одлично распределените односи на менувачот овозможуваат лесно и линеарно забрзување и во градски услови во ниеден момент не помисливме дека на автомобилот му недостасува сила.

Секако, и опременоста ја игра својата улога во приказната за Volkswagen Up. Нашиот тестен модел дојде со клима уред кој се покажа особено значаен во градските гужви, но и ABS систем против блокада на кочниците и ASR уред против пролизгување на тркалата. Секако, тука се и серво управувачот, електричните подигнувачи на прозорците, практичниот двоен под во багажниот простор (кој нуди  250 односно 950 литри зафатнина), централното заклучување, управувачот кој се подесува по височина и многуте други ситници кои го олеснуваат секојдневното живеење со било кој автомобил.

Ако би требало во една реченица да го опишеме Up, би рекле дека е автомобил кој ги надминува очекувањата и ги пробива предрасудите за еден мал автомобил. Автомобил ист како оној кој ние го имавме на тест во моментов можете да го набавите по акциска цена од 8900 евра, а за тие пари ќе добиете комплетно градско возило, подготвено да се справи со сите предизвици кои градската околина може да ги понуди.

  • 1.0 литарски бензински агрегат, 3 цилиндри.
  • Моќност: 60 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 95 Nm / 3000 – 4300 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 161 км/час
  • Забрзување 0-100: 14.4 секунди
  • Должина: 3540 mm
  • Ширина: 1641 mm
  • Висина: 1489 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2420 mm
  • Багажен простор: 250 литри (950 со спуштени задни седишта).
  • Потрошувачка:  6.0 литри на 100 изминати километри (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen move up!  – 8.900 Евра
Поврзано:   VW ID.Buzz GTX е спортски електричен микробус!

Фотографија: Дејан Маликовски


П.С. Голема благодарност до Боки, Бојан, Симо и Томе за асистенцијата!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.