ТЕСТ: Volkswagen Jetta 1.6 TDI Highline – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Jetta 1.6 TDI Highline

Неколку дена се дружевме со Volkswagen Jetta, компактниот седан на Volkswagen кој е многу популарен меѓу младите Американци. Дали Jetta го има она што е потребно за да ги привлече и пребирливите Европски купувачи?

На прв поглед ќе си помислите – „Па ова е само Golf со багажник! “ – и нема да бидете далеку од вистината. Добро, за волја на вистината меѓуоскиното растојание на Jetta е малку подолго од она на Golf, а тоа значи многу простор во внатрешноста. Бидете подготвени да бидете пријатно изненадени – во внатрешноста има навистина многу простор – особено на задната клупа. Дури и кога на предните седишта седат високи луѓе, на задната клупа сеуште има доволно простор за патниците.

Кога сме веќе кај ентериерот – можеме веднаш да нагласиме дека е скоро ист како оној кај Golf. На места е приметливо јужноамериканското потекло на Jetta – да, таа потекнува од Мексико – и некои од пластиките кои се користени во ентериерот не се на истото високо ниво како тие во Golf, но тоа се ситни пропусти кои повеќемина од возачите нема воопшто да ги приметат. Преовладуваат квалитетни материјали, а завршната обработка е на сосема задоволително ниво. Има многу место за сите ваши ситници и дрангулии, како во централната конзола и централниот наслонувач, така и во вратите.

Моделот кој ние го имавме на тестирање беше со Highline ниво на опрема, а тоа значи навистина многу играчки во внатрешноста. Големиот мултимедијален уред со екран осетлив на допир, седиштата во комбинација од штоф и кожа кои имаат и греење, сензорите за паркирање, мноштвото воздушни перници и сигурносни системи создаваат одлична слика за опременоста на Jetta, која ни остави повеќе од позитивни впечатоци.

Нашето тестно возило беше опремено со 1.6-литарскиот турбодизел агрегат кој нуди 105 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Моторот е со Common-Rail технологија и работи прилично мирно и рафинирано, а пријатно изненадување беше потрошувачката која изнесуваше околу 6.5 литри во градски услови со вклучен клима уред. Менувачот е со 5 брзини и со типично Германски карактеристики – прецизен, со одмерен од и лесен за користење во сите услови. Jetta се однесува безбедно на патот – управувањето е прецизно и директно, кочниците се силни и ефикасни и автомобилот лесно го менува правецот и ги проголтува свиоците.

Поврзано:   Volkswagen ќе се ориентира кон плаг-ин хибридните возила

На отворен пат Jetta се однесува навистина примерно – звучната изолација е добра, а моторот лесно се справува со автопатскиот режим на работа. Сигурни сме дека Jetta ќе се покаже како одличен сопатник на подолги патувања. Тука огромна улога ќе игра и одличниот багажен простор – Jetta Ви нуди дури 510 литри багажен простор – а како позитивна страна мораме да ја истакнеме правилната форма на отворот на багажниот простор и лесното соборување на задните седишта.

Овој пат, коментарите за надворешноста ги оставивме за самиот крај. Да, Jetta наликува на Golf со багажник, но да бидеме искрени – многу повеќе личи на помала сестра на докажаниот и голем Passat. Немојте ни за момент ова да го сфатите како критика – напротив, погледнете ја Jetta како помал Passat и веднаш ќе ви биде јасна нејзината намена. Дизајнот е типично Германски – линиите се чисти и прецизни, без непотребни „експерименти“ во ликот на автомобилот. Некому ова можеби ќе му биде здодевно, но нам ни изгледа привлечно и модерно.

Особено ни се допаднаа предните светлосни елементи кои на предниот дел му даваат доза на спортски карактер и агресивен лик. Сигурни сме дека со еден број поголеми тркала Jetta би изгледала уште подобро и спортскиот лик би бил уште поистакнат.

На крајот, единственото прашање кое треба да си го поставите е тоа каков автомобил сакате? Ако ви е потребен автомобил кој нуди многу багажен простор, а автомобилите од класата на Passat се преголеми, тогаш Jetta е вистинскиот избор за вас!

  • 1.6 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 105 коњски сили / 4400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.7 секунди
  • Должина: 4644 mm
  • Ширина: 1778 mm
  • Висина: 1482 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2651 mm
  • Багажен простор: 510 литри (1365 со спуштени задни седишта).
  • Потрошувачка:  6.5 (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Jetta 1.6 TDI Highline  – 21.812 Евра
Поврзано:   VW ID.3 Pro S добива поголема моќност и побрзо полнење

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.