Сподели! ;)

Иако луѓето од KIA кажуваат дека Niro EV сега за сега е само концепт – сепак она што го гледаме скоро директно ќе биде пренесено во серискиот модел кој треба да пристигне наскоро на пазарот.

Niro EV е дело на дизајнерското студио на KIA во Јужна Кореја и го претставува „следниот чекор во патот кон електрификацијата. Да, она што го гледаме е концепт, и серискиот автомобил ќе биде „поцивилизиран“ – но сепак ќе наликува многу на она што KIA го претстави на CES.

Најважниот новитет доаѓа на предниот дел – веќе ја нема традиционалната маска на ладилникот – бидејќи не е потребна – и сега таму е поставен интерактивен панел кој може да прикажува разни пораки. Дизајнерите додале и нови предни светла, подинамичен преден браник и редизајниран заден дел кој е поостар и овозможува полесно струење на воздухот.

Храбриот дизајнерски јазик продолжува и во кабината – па ентериерот е воден во насока на минимализмот. Управувачот има сензори кои овозможуваат „лизгачки“ наредби – па возачот ќе може преку него да управува со аудио-уредот и клима-уредот.

Секако, концептот има дигитални инструменти и напреден инфозабавен систем, но и напреден HMI (Human Machine Interface) кој овозможува возачите да се „најават“ со нивниот лик и глас, а кога системот ќе го препознае возачот, автоматски ќе го нагоди возилото според желбите на возачот.

Niro EV концептот е придвижуван од литиум-јонска батерија со капацитет од 64 kWh и електромотор со моќност од 201 коњска сила. Ова му дава на електричниот Niro автономија од 383 километри. Веќе се работи и на серискиот автомобил, а KIA Планира да понуди вкупно 16 електрифицирани модели до 2025-тата година.