Hyundai го претстави својот нов автомобил придвижуван од горивни ќелии и го нарекува „технолшки знаменосец“ – ќе може да помине дури 595 километри со едно полнење!
Nexo е дел од амбициозниот план на Hyundai да претстави 18 еколошки возила до 2025. Новиот Nexo ќе се понуди на одредени пазари во текот на оваа година и доаѓа со цела гама нови технологии за асистенција во возењето.
Воедно, Nexo ќе биде првиот автомобил на Hyundai кој ќе понуди Lane Following Assist – и според корејската компанија, ова ќе му помогне на Nexo да остане во коловозната лента. Дополнително, тука е и Highway Driving Assist функционалноста која користи сензори и мапи од навигацискиот систем за автоматски да ја прилагоди брзината на автомобилот. Луѓе од Hyundai се фалат и со Remote Smart Parking Assist функцијата која ќе им овозможи на купувачите да го паркираат автомобилот без да бидат во него.
Nexo е поставен на засебна платформа – а директната придобивка од ова е дека е полесен, побрз и попросторен од Tucson FCV кој го заменува. Дел од приказната е и полесна горивна ќелија и батерија, како и оптимизиран погон. Сето тоа резултира со 160 коњски сили и 394 Nm вртежен момент, кои пак значат 100 километри на час за 9.5 секунди (цели три секунди побрзо од Tucson FCV!) и автономија од околу 595 километри – 160 километри повеќе од Tucson FCV!
Како што рековме, Nexo FCV ќе пристигне во салоните во текот на оваа година.