Сподели! ;)

Најновата, трета генерација на популарниот германски SUV пред само неколку моменти беше официјално претставена пред македонската публика.


Новиот BMW X3 е полесен, поголем, поекономичен и помоќен од својот претходник, но доаѓа и со цела гама на нови технологии. Дизајнерски, новиот X3 ги следи насоките од минатата генерација, но од секој агол изгледа поново, подинамично и позатегнато.

Новитет е и рекалибрираниот xDrive систем кој е понаклонет кон погонот на задните тркала. xDrive погонот на сите четири тркала ќе може да се добие со 8-брзински автоматски менувач, а во понудата на мотори се неколку турбо-бензински и турбодизел мотори. Врв на бензинската понуда е новиот M40i кој има на располагање 360 коњски сили и 500 Nm, па забрзува „до стотка“ за само 4.8 секунди.

Понудата на турбодизели ја сочинуваат X3 xDrive20d и X3 xDrive30d. Помалиот турбодизел е со четири цилиндри и располага со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Забрзува до 100 километри на час за рамно 8 секунди и според официјалните податоци троши само 5 литри дизел гориво на 100 километри. Помоќниот xDrive30d располага со 265 коњски сили и одлични 620 Nm, благодарение на забрзува „до стотка“ за 5.8 секунди и троши само 6 литри во комбинирани услови.

Секако, новиот X3 ги добива и сите технологии кои BMW ги има во своето портфолио – како што се мултимедијалните уреди со gesture control, автономните CoPilot технологии, како и целата лепеза на BMW ConnectedDrive технологии кои го олеснуваат возењето во секојдневни услови.

Новиот автомобил е веќе изложен во салонот на македонскиот импортер за BMW – М-Кар – a цените започнуваат од 51.000 евра.