Сподели! ;)

Во време кога SUV и кросовер моделите се сè попопуларни и нивната продажба зема сè поголем замав, KIA нуди модел кој е привлечен не само со дизајнот и опремата, туку и интересната цена!


Живееме во интересни времиња – продажбата на компакти и субкомпактни хечбекови, како и седани е во постојан пад, а продажбата на SUV и кросовер модели од скоро сите сегменти е во непрекинат пораст. Сите производители сакаат да заграбат дел од тој колач и сите забрзано исфрлаат на пазарот модели кои ќе ги привлечат купувачите. По сè изгледа дека во вистински момент и со вистинскиот продукт KIA влегува во сегментот на субкопактни кросовери.

Кандидатот на KIA кој ќе се натпреварува со докажаните германски и француски конкуренти се вика Stonic. Ни ние не знаеме што точно значи името (според KIA е комбинација од зборовите Speedy и Tonic), но ни се допаѓа како звучи – некако, гордо. На самиот старт ни се допаѓа и бојата на нашиот тестен модел – во морето од бели, металик сребрени и варијанта-на-сиво модели кои се популарни меѓу купувачите, вистинско освежување е да се добие модел во убава и забележлива боја.

Stonic е базиран на Rio, но во живо изгледа како да немаат премногу заедничко.

Stonic е базиран на новиот Rio (со кого ја дели Hyundai-KIA GB платформата), но „во живо“ изгледа како да нема многу-многу врска со својот конвенционален роднина. Комбинацијата од позатегнати линии, повисока суспензија, црните заштитни панели, кровните носачи и уште многу други ситни детали му даваат на Stonic посамоуверен и подосоинствен лик. Подигнатата суспензија  и црните панели му го даваат на Stonic карактеристичниот кросовер-изглед, а привлечните 17-инчни фелни ја комплетираат сликата. Сè на сè, Stonic самоуверено се издвојува како од Rio, така и од другите директни конкуренти и настапува со привлечен и чист дизајн кој лесно ќе го издржи тестот на времето.

Комфорен и простран ентериер со многу играчки

Од друга страна – ја отвораме вратата и нè пречекува ентериер кој е скоро идентичен како кај Rio – истиот управувач, истата централна конзола и истите прекинувачи. Тоа самото по себе не е замерка – ентериерот на новото Rio ни се допадна – како од аспект на практичност и просторност, така и од аспект на комфор. Ќе забележиме на некои од пластиките – малку се тврди и не-баш-најпријатни на допир, но инаку – ова е комфорно место да се седи. Особено ни се допаѓа поголемиот мултимедијален уред во боја кој се нуди во Stonic, и кој навистина ја издигнува атмосферата во кабината.

Ни се допаднаа и привлечните седишта кои се убаво профилирани и нудат сосем доволно поддршка, а на задната клупа ќе најдете доволно простор за повремените патници кои таму ќе се возат – очекувано, како и кај сите други модели од оваа класа на задната клупа нема премногу простор, но она што се нуди е повеќе од доволно со оглед на вкупните димензии. Багажниот простор нуди капацитет од 352 литри (30-тина литри повеќе од Rio) кои нараснуваат на сосем респектабилни 1155 литри со преклопена задна клупа.

1.4-литарски атмосферски бензинец со 100 коњски сили

Кога ќе го стартувате Stonic, пријатно ќе ве изненади рафинираноста на неговиот 1.4-литарски атмсоферски бензинец. Малиот мотор испорачува 100 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 133 Nm вртежен момент при 4000 вртежи во минута. Тоа значи дека треба добро да го „завртите“ за да испорача перформанси – но резултатите се сосем респектабилни. Референтните 100 километри на час пристигнуваат за 12.6 секунди, а максималната брзина е 172 километри на час – далеку од врескачки бројки, но сосем доволни со оглед на моторот и големината на Stonic.

За оние кои сакаат подобри перформанси, тука е 1-литарскиот T-GDI турбо-бензинец кој испорачува 120 коњски сили и уште поважно – 171 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат забрзување „до стотка“ за 10.3 секунди и максимални 185 километри на час.

Според официјалните податоци, Stonic со 100-коњскиот атмосферец би требало да троши 7 литри бензин на 100 километри во градски услови. Ние измеривме нешто помалку од 9 литри на 100 километри – сосем прифатливо.

Stonic е изненадувачки динамичен!

Во возење, Stonic изненадува со својата динамичност. Во ред, сепак се работи за мал кросовер, но управувањето е директно и релативно прецизно и покрај супер-лесното серво, а вистинско уживање е да се користи прецизниот менувач. Кога ќе претерате, ќе добиете контролирано подуправување, но сè на сè, Stonic ни остави позитивни впечатоци кога станува збор за динамичноста. Суспензијата сосем солидно ги израмнува нерамнините од нашите улици, и покрај релативно големите 17-инчни пневматици. Немаме поголеми забелешки ниту на звучната изолација – придржувајте се до ограничувањата и во Stonic лесно се муабети со сопатниците.

Полна опрема и врвна безбедност

Нашиот тестен автомобил беше во нивото на опрема Style, a покрај тоа имаше и „нешто екстра.“ Така, во листата на опрема се најдоа шест воздушни перничиња, сите можни акроними за активна безбедност, аудио-уред со 7-инчен дисплеј, Bluetooth поврзување и навигација, паркинг камера и сензори, автоматски клима уред, централна брава со Keyless стартување, електрика на сите прозорци, темпомат, управувач и рачка од менувачот обложени со кожа, 17-инчни тркала и уште многу, многу додатоци. Навистина не можеме да се пожалиме на опременоста.

KIA го има вистинскиот автомобил во вистинско време

Stonic е интересен новитет во сегментот – компактниот корејски кросовер навистина може многу да понуди – од навистина зрел и привлечен дизајн, па сè до многу опрема и вистинска функционална практичност. Со оглед на тоа дека ваквите модели навистина земаат замав, KIA има полн погодок во своите раце – модерен, тренди и привлечен автомобил кој не само што е тешко, туку би било грешка да се заобиколи!

  • Мотор: 1.4-литарски атмоферски бензинец
  • Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 6 брзини
  • Вртежен момент: 133 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 172 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.6 секунди
  • Должина: 4140 mm
  • Ширина: 1760 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1520  mm
  • Тежина: 1178 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2580 mm
  • Багажен простор: 352 – 1155 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.9 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: KIA Stonic 1.25 MPi Experience – 12.990 Евра
  • Цена на тестираниот модел: KIA Stonic 1.4 MPi Style – 17.090 Евра
    Повеќе информации: Kiamotors.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски