ТЕСТ: Toyota Yaris 1.5 111 TERRA – Докажан, доверлив и достапен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Yaris 1.5 111 TERRA – Докажан, доверлив и достапен!

Урбаниот Toyota Yaris веќе долго време е дел од нашето секојдневие, а со последното освежување и новиот 1.5-литарски бензинец Toyota сака да го задржи успехот на својот популарен хечбек.


Ова не е прв пат Yaris да се најде на нашите страници – всушност, Yaris на сите ни е многу добро познат модел. Тековната генерација на урбаниот хечбек на Toyota е на пазарот веќе неколку години, а благодарение на филозофијата на јапонскиот производител за континуирано унапредување и подобрување на моделите тој доби уште еден фејслифт кој носи повеќе од 500 измени.

Значителен фејслифт – преку 500 измени!

Предниот дел добива нови светлосни групи и нов отвор за воздух, кои сега изгледаат подинамично и поевропски. Страничните линии се исти (како што и се очекува за фејслифт), но задниот дел добива нови (и поголеми) задни светла и редизајниран браник. Визуелните измени можеби не се значителни, но сепак се доволни за да го освежат Yaris и да нагласат дека сепак се работи за фејслифтиран модел со грст новитети и подобрувања.

Типично-робустна кабина

Во кабината ја добиваме типичната робустност на Toyota, но овој пат се гледа дека многу внимание е посветено на оплеменување на ентериерот. Многу од цврстите пластики сега се заменети по поквалитетни и помеки материјали, а според она што ни го кажуваат од Toyota, посветено е внимание и на звучната изолација. Инаку – го добивате токму она што го очекувате – висока и прегледна седечка позиција, навистина многу простор во кабината со оглед на тоа во која класа припаѓа Yaris, и чисти и прегледни инструменти. Yaris продолжува да биде меѓу најпросторните автомобили во класата – па како на предните седишта, така и на задната клупа има доволно простор, а багажникот нуди капацитет од 285 литри.

Ние сепак би отишле едно скалило нагоре во нивоата на опременост за да добиеме малку помодерно радио и уште некои ситници. Ќе забележиме и на нијанса превисокото седење и би посакале барем уште малку можност за нагодување на управувачот по длабочина.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport - Еден меѓу многуте!

Нов 1.5-литарски бензинец со 111 коњски сили!

Како и досега, Yaris може да се добие и со хибриден погон (и сега-засега останува единствен автомобил во класата кој го нуди ова), но еден од интересните новитети кои доаѓаат со фејслифтот е и новиот 1.5-литарски атмосферски бензинец кој доаѓа на место на добро-познатиот 1.33-литарски атмосферец. Новиот мотор нуди 111 коњски сили при 6000 вртежи во минута и (сосем задоволителни) 136 Nm вртежен момент при 4400. Новиот мотор ветува забрзување од 100 до 100 километри на час за 11 секунди и максимални 175 километри на час – забележително подобрување во однос на минатиот мотор, а притоа официјалната потрошувачка изнесува 4.8 литри на 100 километри во комбинирани услови. Ние измеривме градска потрошувачка од нешто под 7 литри бензин на 100 изминати километри.

Во возење, Yaris продолжува да биде комфорен и пријатен сопатник. Супер-лесниот серво управувач и прецизниот менувач го прават движењето лесно, а големите стаклени површини значат лесно маневрирање низ градскиот метеж. Сепак, од Yaris не смеете да очекувате спортски перформанси – Yaris едноставно не е таков автомобил. Тој најдобро се снаоѓа во урбаниот хаос, каде комфорот и рафинираноста се пресудувачкиот фактор – а тука Yaris блеска.

На отворен пат забележавме дека Yaris навистина има нијанса повеќе звучна изолација – но сè додека се држите до законските ограничувања или останете блиску до нив. Новиот мотор го олеснува претекнувањето, но кога длабоко ќе ги надминете законските ограничувања започнува да се слуша бучавост во кабината. Сепак, останете во рамките на дозволеното (или ако веќе инсистирате, дискретно надминете ги) и Yaris е комфорно место за достигнување и подалечни дестинации.

Yaris продолжува да биде еден од оние незаменливите модели во класата

Yaris е еден од оние, незаменливите модели во класата. Секако, конкуренцијата е силна, но Yaris продолжува да ги привлекува купувачите – како со очекуваниот и докажан квалитет на Toyota, така и со опремата. Дизајнот на кабината најверојатно нема да остави никого без здив, но добивате управувач и рачка од менувачот обложени со кожа, клима уред, електрика на предните прозорци, загревање на страничните ретровизори, радио со Bluetooth поврзување со мобилен телефон, USB поврзување и команди на управувачот, Follow Me Home функција на светлата, серво управувач, цел грст на воздушни перничиња и други безбедносни системи – во суштина, сето она што му е потребно на автомобил од оваа класа.

Како што напишавме и минатиот пат кога го возевме со Yaris – Toyota се стреми да го постави Yaris меѓу најдобрите во класата, а со континуираното подобрување и освежување, како и гаранцијата од 6 години и 200.000 километри токму тоа го прави. Верувајте, има причина зошто Yaris секаде во светот е еден од најпродаваните автомобили во својата класа – a во моментов кај нас може да се добие со 1.0-литарскиот VVT-i и Terra ниво на опрема за само 9900 евра!

  • 1.5-литарски атмосферски бензински мотор
  • Моќност: 111 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 136 Nm / 4300 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 175 км/час
  • Забрзување 0-100: 11 секунди
  • Должина: 3950 mm
  • Ширина: 1695 mm
  • Висина: 1510 mm
  • Тежина: 1045 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2510 mm
  • Багажен простор: 286 литри
  • Потрошувачка: 6.9 литри на 100 километри (измерена, градска); 4.8 литри на 100 км (официјална, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Yaris 1.5 Terra – 12.490 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk
Поврзано:   Новата, втора генерација на Toyota C-HR пристигна во Македонија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.