Jaguar го претстави новиот модерен и високо-технолошки XF! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar го претстави новиот модерен и високо-технолошки XF!

Британскиот премиум бренд се подготвува да биде уште поголема конкуренција на етаблираните Германци – овој пат со новиот и високо-технолошки Jaguar XF!

Очигледно е дека пристапот кон дизајнот на новиот XF е еволутивен, па новиот автомобил наликува како на оној од претходната генерација, така и на новиот XE седан – но тоа не е критика – напротив, новиот XF изгледа привлечно и модерно, но истовремено спортски и динамично.

Новиот XF е целосно ново возило, со нова шасија и нови материјали – новиот автомобил е до 80 килограми полесен од конкуренцијата, но и цели 190 килограми полесен од претходната генерација, додека торзиската цврстина е подобрена за 28% – а сето ова се должи на користење дури 75% алуминиум во архитектурата на автомобилот!

Задолжени за придвижување на XF се новите Ingenium мотори на Jaguar. Основниот мотор е 2-литарски турбодизел кој испорачува 167 коњски сили и 380 Nm, или доколку се одлучите за малку посилната варијанта, 180 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Овој мотор ќе се нуди со мануелен менувач со шест брзини, или со автоматски менувач со осум брзини. Едно скалило погоре е 3-литарскиот V6 турбодизел кој испорачува 300 коњски сили и дури 700 Nm вртежен момент, а за оние кои сакаа бензинец тука е 3-литарскиот компресорски V6 кој нуди 380 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Овие мотори стандардно се нудат со 8-степен автоматски менувач.

Секако, тука се мноштвото нови системи во ентериерот – како за мултимедија и навигација, така и за активна и пасивна безбедност. Новиот XF ќе се произведува во фабриката на Jaguar во Castle Bromwich, покрај F-Type и XJ.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.