Ford Fiesta доби фејслифт! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford Fiesta доби фејслифт!

Fiesta е еден од предводниците во популарниот Б-сегмент, но доколку сака да го задржи приматот мора да нуди повеќе од конкурентите. Ford одлучи дека е време за освежување на малата Fiesta!

Актуелната Fiesta е на пазарот од 2008-ма година, а од тогаш до сега може да се пофали со повеќе од 1 милион продадени примероци – навистина импресивен резултат за ваков автомобил! Кога Fiesta за прв пат беше презентирана во 2008 година, импресионираше со својот “кинетички” дизајн, па од тогаш овој автомобил стана вистински хит.

Сега, кога некои од главните конкуренти ги подобрија своите автомобили, а други понудија нешто сосема ново, Ford одлучи дека е време за промени. Fiesta со овој фејслифт ќе се обиде повторно да го сврти вниманието кон себе.

Веќе беше претставена “жешката” верзија на Fiesta, ST верзијата која е инспирација и за фејслифтот на “обичната” Fiesta!

Измените почнуваат од предниот дел – прво, тука се новите предни светлосни структури кои имаат нова графика и нудат LED дневни светла. Понатаму тука е и рестилизираниот преден браник кој потсетува на легендарниот Aston Martin – стил koj ни е веќе познат од новото Mondeo!  Поклопецот на моторот е исто така нов и го надополнува агресивниот изглед кој Ford сака да го истакне со овој фејслифт. Назад, новитет се новите светла со LED графика. Во понудата се и нови алуминиумски фелни.

И ентериерот доби освежување – сега во внатрешноста не пречекуваат некои помали промени и поквалитетни материјали кои ќе се нудат во нови комбинации на бои.

Официјални детали за промена во понудата на мотори нема, па така останува на веќе старата новост дека Ford Fiesta ќе го добие 1.0 литарскиот EcoBoost Мотор, во две варијанти – од 100кс и 125 кс. Овој мотор беше избран за мотор на годината 2012.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

Официјалното претставување на фејслифтот на Ford Fiesta е закажан за саемот во Париз на крајот од овој месец, кога очекуваме повеќе фотографии и податоци за освежената Fiesta!



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.