ТЕСТ: Leapmotor C10 Design Pro – Голем, тивок, комфорен и едноставно… Добар! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Leapmotor C10 Design Pro – Голем, тивок, комфорен и едноставно… Добар!

Честопати зборуваме за добивање максимум за вложеното, а со растечките цени на горивата интересот за електрични возила е сè поголем. Па дали токму во големиот C10 го имаме новиот шампион во категоријата Вложено-Добиено?

Leapmotor се појави на македонскиот пазар, и како да е тука со години. Едноставно, купувачите го прифатија а моделите на кинескиот бренд сè почесто и почесто ги забележуваме на нашите улици. И има зошто – автомобилите на Leapmotor се едноставно… Добри. Таков впечаток добивме уште први првиот контакт со B05 во Франкфурт пред неколку месеци, за потоа да се повтори со запознавањето со B03X во Шпанија. Сега, конечно со Leapmotor на наш, домашен терен – и тоа со најголемиот модел во понудата, големиот SUV со ознаката C10.

Целосно-електричен или со Range Extender, одлучете самите.

C10 се нуди во две погонски конфигурации – може да се добие како целосно-електричен модел или пак како Range Extended EV.

Електричната понуда започнува со батерија со капацитет од 69.9 или 81.9 kWh и со погон на задните или сите четири тркала. Одберете погон на задните тркала и во зависност од одбраната батерија ќе добиете 218 или 300 коњски сили, но одберете ја верзијата со погон на сите тркала и ќе добиете два електромотори и (подготвени?) дури 598 коњски сили!

Верзијата со ознака REEV се нуди со батерија со капацитет од 28.4 kWh и електромотор кој испорачува 218 коњски сили. Оваа верзија се комбинира со 1.5-литарски бензин чија единствена улога е да функционира како генератор, односно полнач за батериите и никогаш не ги движи тркалата.

Добро, и за што ќе зборуваме денес? За можеби најнесекојдневната, но истовремено и најинтересната конфигурација. Немојте да бидете премногу разочарани, но не е онаа со 600 коњски сили. Денес ќе зборуваме за C10 „на струја“, со основната батерија, заден погон и 218 коњски сили.

И зошто тврдиме дека ова е можеби најинтересната конфигурација? Богатата опрема настрана, каталошката цена од 30.990 Евра е убедлив аргумент, а добиваме голем, целосно-опремен SUV кој поминува (барем според официјалните мерења, но за ова малку подоцна) повеќе од 400 километри со полни батерии. А со денешните цени на горивата…

Ненаметлив, долготраен дизајн.

Но пред да зборуваме за сето тоа, ајде прво за она кое луѓето прво ќе го забележат – дизајнот. На прв впечаток, C10 делува ненаметливо и воздржано, бидејќи таков и е. Преовладуваат чисти линии и мазни површини, без непотребни „гледај-ме-гледај-ме“ детали.

На предниот дел, вниманието оди највеќе кон предните светла кои се споени во еден елемент, вертикалните насочувачи на воздухот кои ја подобруваат аеродинамиката, како и широкиот долен дел на браникот со активна аеродинамика.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија седнавме зад управувачот на новиот, супер-практичен Leapmotor B03X.

Профилот е чист и карактеристичен за таканаречен „two-box“ SUV. Повторно, нема непотребни детали, а површините се мазни. Профилот го црните странични ретровизори, црните декоративни ленти околу страничните стакла, црните кровни носачи и изненадувачки големиот заден спојлер. Плус, одличните (и колку многу разлика прави тоа што се еднобојни) 20-инчни тркала одлично ги исполнуваат крилата.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон трендовскиот едноделен светлосен елемент, а веднаш под него гордо стои ознаката LEAPMOTOR. Повторно, и тука забележуваме чисти линии и едноставни, долготрајни решенија.

Зошто долготрајни? Затоа што токму ваквите едноставни решенија не изгледаат застарено и по неколку години на пазарот. C10 е SUV и не се препреава дека е, ниту пак се обидува да биде нешто друго. Ваквата форма е идеална за SUV бидејќи гарантира практичност и многу, многу простор во кабината.

Комфорна, просторна и тивка кабина.

И кога сме веќе тука, ајде да зборуваме за кабината. Кога ќе ја отвориме возачката врата, нè пречекува кабина каде зборот на денот е Минимализам. Физичките контроли се сведени на минимум и сè е во насока на дигитализацијата. Ова некому ќе се допадне, некому не – но трендовите се такви какви што се.

Да, во ред – ваквата конфигурација од мал дигитален дисплеј и голем централно-поставен екран веќе сме ја виделе, но едноставно – функционира. На дисплејот пред возачот се покажуваат сите важни информации околу возењето, додека на централниот дисплеј се поставени командите за клима-уредот, мултимедијалните функционалности, итн.

Инфозабавниот систем е базиран на LEAP OS оперативен систем, кој пак е изграден врз Android платформа и работи на брз Snapdrago процесор – а тоа значи дека работи брзо и респонзивно, без никакво колебање или доцнење. За жал во моментов нема Android Auto и Apple CarPlay поврзување, но добивме информација дека се очекува ова да биде решено до крајот на годината со софтверска надградба. Во моментов не работи ни 4G поврзувањето, но наскоро се очекува решение и за тоа. Во меѓувреме, има апликација за „mirroring“ на мобилниот телефон која функционира прилично добро.

Поврзано:  Leapmotor започна со производство во Европа, објави дека и B05 ќе се произведува во Шпанија!

Веднаш ќе го пофалиме „седењето“. Седиштата се изненадувачки комфорни и обвиени со материјал кој од Leapmotor го нарекуваат OEKO-TEX. Материјалот е имитација на кожа, но развиен и направен да биде супер-мек, но и супер-издржлив при долгорочно користење. Се седи навистина комфорно, дури би се дрзнале да го споредиме со седењето како кај некој француски брендови познат по комфорот, или пак со седењето кај поскапи, полуксузни автомобили од европско потекло. Плус, предните седишта имаат и греење и вентилација.

Меѓу возачот и совозачот е поставен централниот гребен кој е на две нивоа. На горното ниво треба да ја ставите картичката која се користи како клуч, или пак мобилниот телефон кој може да функционира како клуч, додека на долното ниво можете да оставате ситници.

Слично е и на задната клупа, која е обвиена во истиот материјал. Има навистина многу простор, па дури и тројца патници ќе патуваат прилично комфорно. Секако, идеално е за двајца, но и за тројца е прифатливо. Задниот дел на клупата се прилагодува, па можете да изберете меѓу повеќе простор на задната клупа, или пак поголем багажник.

Со исправена задна клупа, багажникот е со капацитет од респектабилни 485 литри, но со преклопена задна клупа расте на одлични 1645 литри.

Лесно-изводливи 400 километри низ град, околу 300 километри на отворено.

И пред да зборуваме за возењето, ајде да зборуваме за живеењето со C10. Како што напоменавме, батеријата е со капацитет од 69.9 kWh и на AC полнач се полни со максимални 11 kW, додека на брз DC полнач се полни со максимални 84 kW. Тоа значи дека во домашни услови на полнач со моќност од 11 kW батеријата би се полнела за околу 6-7 часа (односно преку ноќ, на евтина струја, нормално) а на брз полнач се полни од 30 до 80% за околу 30-тина минути.

Доколку тоа не е доволно, поголемата батерија може да се полни со максимални 180 kW.

Во градски услови на возење, каде брзините не се високи и често се користи регенеративното сопирање, тие 400 километри се прилично лесно достапни. Потрошувачката на струја е околу 16-17 kWh на 100 изминати километри. На отворено, како што растат брзините расте и потрошувачката и при автопатски брзини можете да очекувате околу 300 километри со полни батерии. Секако, зборуваме за нормално возење, а не за „влечење“.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Leapmotor B03 ги загрижува и европските производители

Безбеден и предвидлив зад управувачот

А како е зад управувачот? Па, би рекле дека е прилично неутрално. C10 во оваа конфигурација тежи безмалку 2 тони и не се преправа дека е спортски SUV, но сепак има одлична контрола на каросеријата. Во свиоци нема пренагласено навалување, но истовремено успева да ги филтрира нерамнините од нашите улици. Маневрирањето низ град е лесно благодарение на јасната форма, а сензорите и паркинг-камерата го олеснуваат паркирањето.

Во нормален режим на возење управувањето е супер-лесно а испораката на сила е линеарна и предвидлива.  и Во спортски режим управувањето нуди малку повеќе отпор а испораката на сила е поинтензивна, но вистината е дека на C10 највеќе му прилега кога се вози опуштено и рафинирано.

Имаме мала забелешка во однос на сопирачките кои при прво возење се нијанса преагресивни и некои можеби ќе ги фати неподготвени. Сепак, брзо се навикнавме на нив, па и не е нешто страшно.

Внимателно одберете ја верзијата која ви одговара. Нема да згрешите.

И по сето ова, каков е заклучокот за C10? Одговорот е дека Leapmotor со C10 идеално ги исполнува желбите на оние кои сакаат голем, практичен, комфорен и ефикасен SUV. Со оглед на цените на горивата (кои сакале-нејќеле, мораме пак да ги споменеме), интересот за електрични возила се зголемува, а C10 доаѓа во вистинско време, со вистинскиот пакет – привлечен и немаметилив дизајн, многу опрема, моќен мотор, одлична ефикасност и прифатлив досег. За оние кои сакаат поголем досег, тука е верзијата со поголемата батерија. За оние кои сакаат поголем досег и повеќе (односно, налудничаво-многу) моќ, тука е верзијата со погон на четири тркала.

И ако кон сето ова пристапиме рационално, и го гледаме односот вложено-добиено… Тогаш веќе работите стануваат јасни.

Спецификации

Модел: Leapmotor C10 Design Pro
Батерија: 69.9 kWh
Погон: Еден електромотор, погон кон задните тркала
Моќност: 218 коњски сили
Вртежен Момент: 320 Nm
Менувач: Автоматски, директен
0-100 км/ч: 7.5 секунди
Максимална Брзина: 170 километри на час
Должина: 4739 mm
Ширина: 1900 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1680 mm
Тежина: 1980 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2825 mm
Багажен Простор: 485 – 1645 литри
Автономија: До 420 километри според WLTP (комбинирано)
Цена на основниот модел: Leapmotor C10 Life Pro – 29.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Leapmotor C10 Design Pro – 30.990 Евра
Повеќе Информации: Leapmotor Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.