ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT SUV – Германската војна на коњските сили „нема абер“ од завршување – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT SUV – Германската војна на коњските сили „нема абер“ од завршување

Кој кажа дека војната на коњските сили меѓу германските производители заврши?

При претставувањето на новиот GT SUV, од Mercedes-AMG кажаа дека „ја носат ДНК-та од спортските автомобили во сегментот на електрични SUV“. И океј, има тука нешто – новиот AMG GT SUV има до 1169 коњски сили, забрзува до 100 километри на час за 2.7 секунди и ги носи сите најнови технологии кои Mercedes-AMG ги има во своето портфолио.

Дизајнот е директно-инспириран од новиот електричен Mercedes-AMG GT и ќе кажеме дека е… Поларизирачки. Нема да се допадне секому, но, тоа е во ред. Она за кое навистина сакаме да зборуваме се технологиите кои се кријат под дизајнот.

Електричниот AMG SUV ја користи истата AMG.EA архитектура врз која е изграден и Mercedes-AMG GT. Понудата започнува со Merecdes-AMG GT 53 SUV кој има на располагање до 544 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. „Основниот“ AMG GT SUV забрзува до 100 километри на час за 4.2 секунди. Скалило над него е Mercedes-AMG GT 55 SUV кој има на располагање дури 816 коњски сили и катапултура до 100 километри на час за 3.1 секунда.

На самиот врв е Mercedes-AMG GT 63 SUV кој има три електромотори за вкупно 1169 коњски сили и 2000 Nm вртежен момент. Благодарение на сето ова, забрзува до 100 километри на час за само 2.7 секунди! Според WLTP мерењата, големиот SUV и неговите 2695 килограми поминуваат до 700 километри со едно полнење, а тоа се должи на огромната батерија со капацитет до 128 kWh, односно достапни 106 kW. GT 63 и GT 55 SUV се полнат со максимални 710 kW, додека GT 55 SUV се полни со „само“ 600 kW.

Поврзано:  Mercedes-AMG подготвува ново V8 купе - прототипот веќе ги освојува свиоците на Nurburgring!

Од Mercedes-AMG ветуваат дека управувањето ќе биде какво што очекуваме од еден AMG. Врвниот GT 63 SUV доаѓа со AMG Active Ride Control+ во стандардна опрема (екстра опрема кај другите верзии), а тоа значи дека добива хидрауилични амортизери со прилагодливи воздушни „пружини“ кои го стабилизираат големиот и тежок SUV без потреба од конвенционални стабилизатори. Сето ова овозможува електричниот SUV да остане рамен во свиоци, а притоа да биде комфорен во секојдневно и долго возење.

Но секако, војната на коњските сили продолжува. Porsche Cayenne Turbo има до 1156 коњски сили, Mercedes-AMG GT 63 SUV има до 1169 коњски сили. Но Porsche го има и суфиксот S кај своите турбо модели, а таков електричен Cayenne сè уште не сме виделе…

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.