ТЕСТ: Dongfeng MHERO II 817 E1+ a – XXL луксузен теренец! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng MHERO II 817 E1+ a – XXL луксузен теренец!

Што се случува кога ќе се искомбинираат најсовремените погонски технологии на светот со уверливи теренски способности и стремеж кон врвен луксуз?

Понекогаш е тешко да се пишува за автомобилите, а понекогаш е изненадувачки лесно. Понекогаш е потребно малку повеќе да се истражува, а понекогаш ги знаеме работите од „општа култура“. Овојпат ќе зборуваме за Dongfeng MHERO. И прашувате „па добро побогу, што е сега MHERO?“. Валидно прашање, кое заслужува малку повеќе внимание и, да, малку повеќе истражување.

MHERO е уште еден под-бренд на Dongfeng, кој во хиерархијата на кинескиот гигант најверојатно би бил некаде на врвот. Брендот е поставен со една јасна цел – да ги направи можеби најдобрите, најспособните теренци на светот. Но истовремено, тие да не бидат груби, незграпни или некомфорни. Срамота би било.

Монолитски екстериер

И тоа нè носи до MHERO II 817. Или MHERO 817, да поедноставиме. И уште при првиот контакт, MHERO 817 изгледа… Огромен! Па добро, и Е огромен. Долг е повеќе од пет метри, шорк е повеќе од 2 метри и висок е 1.9 метри. Односно и повисок, ако земеме предвид дека воздушната суспензија овозможува растојанието од подлогата да биде меѓу 216 и 321 милиметар.

На прв поглед, MHERO 817 изгледа некако милитаристички, особено во зелената боја на нашиот тестен примерок. Но кога ќе загледаме поубаво, се препознаваат робустните детали – од јасните површини и острите линии, преку големите врати (и големите рачки, како што прилега на еден ваков тенк), па сè до големите стаклени површини, несекојдневните задни светла и огромните тркала.

И MHERO не наликува на ниту еден друг автомобил. Многу често кинеските производители добиваат коментари дека нивните автомобили наликуваат на овој или оној автомобил, на овој или оној конкурент. Но кога ќе го погледнете MHERO 817 во ретровизор, нема да го помешате со ниту еден друг теренец на планетава.

Едноставно, неговата појава е монолитска, самоуверена и моќна.

Два електромотори, турбо-бензинец и 687 коњски сили!

Пред да зборуваме за кабината и теренските способности, ајде да зборуваме за погонот. И пред да зборуваме за било што друго – MHERO 817 има неверојатни 687 коњски сили! Задолжен за задвижување на огромниот 817 е плаг-ин хибриден погон кој користи два моќни електромотори и еден турбо-бензинец. Едниот електромотор е интегриран во менувачот и испорачува 272 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, додека вториот е поставен на задната оска и испорачува 279 коњски сили и 410 Nm вртежен момент. Со електромоторите соработува 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува дополнителни 197 коњски сили и 290 Nm вртежен момент.

Сето тоа заедно испорачува моќни 687 коњски сили и 850 Nm вртежен момент, доволни да го катапултираат 3 тони тешкиот 817 до 100 километри на час за само 5.6 секунди, како и до максимални 180 километри на час. И на полн гас, MHERO 817 катапултира нанапред со подготвеност која успешно ги крие неговите 3 тони.

Поврзано:  Forthing Taikon 5 пристигнува во Македонија следната година!

И сето тоа е супер, но она кое ваквата конфигурација го овозможува се теренски перформанси кои би ги очекувале од европски и јапонски конкуренти со декади и декади теренско наследство. Со електромоторите, многу лесно и многу прецизно се насочува моќта онаму каде е најпотребна, без да има потреба од комплицирани механички диференцијали. Едноставно… Дајте гас!

Воздушната суспензија овозможува растојанието од подлогата да биде меѓу 260 и 320 милиметри, а тоа пак значи дека максималниот агол на пристапување е 37.7 степени, аголот на заминување е 37 степени, додека аголот на прекршување е 25 степени. Може да се искачува по нагорнини со максимален агол до 45 степени и да помине низ вода длабока 90 сантиметри. Се управуваат и задните тркала, и тоа до максимални 10 степени, а тоа пак овозможува радиусот на вртење да е само 10.4 метри. Како градски хечбек! Но „финтите“ не завршуваат тука – со активирање на Crab Walk, MHERO 817 се движи нанапред и во страна. Звучи чудно, но токму таквото движење е тајната за совладување на некои од најпредизвикувачките теренски патишта.

Единственото ограничување се најверојатно пневматиците. Тестниот модел дојде со Continental CrossContact RX – целосезонски пневматици кои се повеќе ориентирани кон комфор. Како што можете да видите и по фотографиите, совладувањето терен не е проблем, но доаѓаме до момент кога најслабата точка се токму пневматиците. Затоа по-теренската изведба на MHERO 817 доаѓа со хардкор оф-роуд пневматици, за навистина ништо да не може да нè запре!

Со полни батерии, големиот MHERO 817 лесно поминува околу 100 километри во град, па со редовно полнење потрошувачката на бензин може да биде и Нула Литри на 100 Километри. Секако, проверивме што се случува и кога ќе се испразнат батериите, и тогаш можете да очекувате потрошувачка од околу 10 литри на 100 изминати километри – импресивно, ако се земе предвид големината на MHERO 817.

Поврзано:  Моќниот и незапирлив MHERO 817 вчеравечер ја имаше својата македонска премиера!

Луксузна кабина. Кинезите многу добро знаат што прават.

Океј, а како е внатре? Првиот впечаток е дека кабината на MHERO 817 е луксузна. И не го кажуваме тоа туку-така. Едноставно, од чувството при отворање на вратите, преку автоматската скаличка, па сè до… Сè што ќе допрете внатре, многу, многу внимание е посветено на деталите, материјалите, завршната обработка и чувството на солидност. Во кабината на MHERO 817 е како во (најмалку) два пати поскап теренец.

Инаку, има многу, ама навистина многу простор. За возачот и совозачот нема потреба ни да зборуваме – ќе патуваат комфорно. Но она кое импресионира е просторот на задната клупа. Тука комфорно ќе патуваат и тројца.

Пред возачот е поставен очекуваниот дигитален дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации, а возачот добива и детален хед-ап дисплеј. На средината на арматурната табла доминира огромниот централно-поставен дисплеј наменет за инфозабавните фунцкионалности, деталите околу возењето, деталите околу теренското возење и многу, многу повеќе. Веднаш под големиот дисплеј се ротирачкиот селектор за режими на возење (кој инаку прикажува часовник) и физичките прекинувачи за некои од функционалностите – на пример, нивото на воздушната суспензија, заклучувањето на средниот диференцијал, итн…

Во централниот гребен меѓу возачот и совозачот има безжичен полнач за мобилен телефон, па дури и мало фрижидерче, а на горе на кровот каде се прекинувачите за осветлување, има шест дополнителни AUX прекинувачи за надворешни додатоци – можеби ќе сакате да додадете дополнително осветлување или нешто слично, па зошто да имате засебни, неугледни прекинувачи?

А зад управувачот? Тенк, или…?

A каков е MHERO 817 за возење? На прв контакт, делува малку застрашувачки. И океј, признаваме – ова е ГОЛЕМ теренец. Но вистината е дека „се вози“ изненадувачки лесно. Системот за управување на задните тркала значително го олеснува маневрирањето во град, а целата лепеза на камери и сензори дефинитивно ги олеснува и маневрирањето и паркирањето. Сепак, со оглед на димензиите, можеби нема баш најлесно да најдете соодветно паркинг место.

Она што навистина изненадува е комфорот кај 817. А автопат, едноставно лебди, дури и при повисоки брзини. Воздушната суспензија ги впива и ги филтрира сите нерамнини од нашите патишта, и само вистински дупки делумно го нарушуваат суверенитетот на кабината. Благодарение на воздушната суспензија, кога ќе префрлиме во Power режим, 817 се приближува до подлогата и океј, можеби не е хот хеч, но не е ниту незграпен, нестабилен теренец.

Поврзано:  Forthing Taikon 5 пристигнува во Македонија следната година!

Вистината е дека 817 сака да биде возен како SUV, опуштено и во максимален комфор, и тогаш доаѓа до израз неговата луксузна страна. Ако отидеме чекор понатаму и ја напуштиме онаа модерната интерпретација дека луксузот е само екрани и екрани, и всушност разбереме дека луксузот е врвниот ентериер, непречениот мир и чувството на изолација од светот околу нас – тогаш да, MHERO 817 е вистински луксузен теренец. Кој може да стигне било каде.

Повеќето од времето, возењето е на струја. Дури и кога е празна батеријата, не е баш „празна-празна“ туку системот секогаш по малку ја дополнува за да ги имаме на располагање перформансите. Активирањето на бензинецот е скоро бесшумно и безмалку и не се забележува.

XXL.

И всушност, тука некаде би завршиле. MHERO 817 е огромен, опремен, напреден и луксузен. И сега можеме да ја правиме дискусијата дека скоро 80.000 Евра е „многу пари за кинески автомобил“. А ние ќе речеме дека можеби и не е, особено со оглед на можностите, способностите, луксузот и сè друго. И кој сака може да го оспорува тоа, но… Нема што за оспорување. XXL луксузен теренец.

Спецификации

Модел: Dongfeng MHERO II 817 E1+ a
Погон: LFP батерија 31.7 kWh
1.5-литарски турбо-бензинец со 140 коњски сили
Преден електромотор – 272 коњски сили
Заден електромотор – 279 коњски сили
Моќност на бензински мотор: 197 коњски сили
Системски вртежен Момент: 848 Nm
Системска моќност: 687 коњски сили
Менувач: Автоматски 2-брзински DHT (Dedicated Hybrid Transmission)
0-100 км/ч: 5.6 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 5100 mm
Ширина: 1998 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1899 mm
Тежина: 3953 килограми
Меѓуоскино Растојание: 3005 mm
Багажен Простор: 828 – 2112 литри
Потрошувачка: ~10 литри на 100 километри (измерена, градска, со скоро празна батерија)
Цена на основниот модел: Dongfeng MHERO II 817 E0 – 69.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Dongfeng MHERO II 817 E1+ a – 79.900 Евра
Гаранција 10 години, неограничено километри на погонскиот склоп
6 години, 200.000 километри на возилото
Повеќе Информации: Dongfeng Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.