ТЕСТ: Dongfeng Mage PHEV E1 – Помоќен и поефикасен, и сè уште Mage! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng Mage PHEV E1 – Помоќен и поефикасен, и сè уште Mage!

Плаг-ин хибридниот Mage пристигнува во вистински момент и ја нуди вистинската погонска комбинација.

Mage не е непознат ниту на нашите страници, ниту пак на нашите улици. Всушност, големиот кинески SUV е веќе секојдневно забележлив на нашите улици, но со воведувањето на плаг-ин хибридниот погон во вистинскиот момент, очекуваме да биде уште поинтересен.

И кажуваме дека е во вистински момент, затоа што купувачите кај нас (би додале конечно) ги препознаваат придобивките од плаг-ин хибридните и електричните возила. Во ред, тоа најверојатно се должи на цените на горивата кои како да се во континуиран раст, но.. Крајно време е!

Супер-ефикасен плаг-ин хибриден погон и околу 80 километри на струја!

А Mage PHEV е одличен одговор. Неговиот супер-ефикасен плаг-ин хибриден погон од една страна ветува до 80-тина километри на струја пред да треба да се вклучи бензинецот, а од друга страна и бензинецот е рекордер во ефикасност. Погонот комбинира батерија со капацитет од 17 kWh со електромотор со моќност од 88 kW (односно 118 коњски сили) и 1.5-литарски бензинец кој испорачува 110 коњски сили.

Вкупната, системска моќност е одлични 230 коњски сили и 580 Nm вртежен момент, а силата се пренесува кон предните тркала преку 4DHT автоматски менувач наменски развиен за хибриден погон. И сето тоа резултира со навистина импресивна ефикасност – според официјалните податоци, Mage PHEV може да помине нешто повеќе од 80 километри на струја, а ние успеавме да поминеме околу 75. На брз полнач, батеријата се полни од 10 до 80% за околу 30 минути, а на обичен, домашен полнач… Преку ноќ, на евтина струја, нормално.

И да бидеме искрени – автономија од 75 километри на струја е повеќе од доволна за секојдневно користење. Само треба да имате каде да полните секоја (или секоја втора) вечер. Но и кога ги испразнивме батериите погонот успеа да нè импресионира – тогаш Mage PHEV функционира како конвенционален хибрид и троши околу 5 литри на 100 изминати километри. Вкупната, декларирана автономија е над 1200 километри!

Тоа се должи и на врвната термална ефикасност на моторот од 45.18%. Во превод, тоа значи дека дури 45% од работата на моторот се трансформира во корисна работа и значително се намалени термалните загуби.

Поврзано:  ABC Brother го најавува пристигнувањето на MHERO во Македонија - Сила без компромис!

Дискретни козметички корекции во насока на аеродинамиката

Инаку, ова е и понатаму Mage. Секако, има дискретни козметички измени кои го издвојуват од конвенционалниот бензински модел – воглавно на предниот дел каде маската е затворена и има активни аеро-елементи во долниот дел од браникот.

Профилот е неизменет, а разликите на задниот дел се воглавно во долниот дел од браникот.

Комфорна и просторна кабина, со сите најмодерни технологии.

Дискретни измени има и во кабината. Пред возачот и понатаму има дигитален панел со информации околу возењето, но вертикално-поставениот централен панел наменет за мултимедијалните функционалности, навигацијата и клима-уредот тука е заменет со хоризонтално-поставен екран. Плус, командите од централниот гребен се преместени на управувачкиот столб и се полесни за користење, а просторот меѓу возачот и совозачот сега нуди уште повеќе можности за складирање ситници.

Новиот мултимедијален систем е прилично лесен за користење и покрај целосното отсуство на било какви физички контроли. Доаѓа и со безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување.

Повеќето површини во кабината се обвиени со квалитетни и интересно-текстурирани материјали и во ентериерот е навистина комфорно и пријатно.

Исто како кај бензинскиот Mage има многу, многу простор на задната клупа, а патниците добиваат свои USB-A и USB-C приклучоци. Багажникот е нијанса помал, но повторно импресивен – на располагање имате 525 литри, односно дури 1846 литри со преклопени задни седишта.

Комфорно, мазно возење.

Возењето на струја е супер-мазно и рафинирано, а и кога ќе се вклучи бензинецот, тоа го прави скоро незабележително. Свој придонес има и 4DHT менувачот комбинира 4-степен автоматски менувач со CVT компонента со цел да се постигне врвна рафинираност и ефикасност, а притоа да се избегне „завивањето“ кое е карактеристично за многу CVT менувачи.

Поврзано:  Forthing Taikon 5 пристигнува во Македонија следната година!

Управувањето е директно и прецизно и навистина слично на она кај бензинскиот Mage. Изненадувачки, разликата од околу 250 килограми во однос на конвенционалниот Mage не се забележува премногу и доаѓа до израз само кога навистина „ловиме“ свиоци. Инаку, суспензијата одлично ја носи каросеријата и успева да ги исфилтрира нерамнините.

На отворен пат, при повисоки автопатски брзини се забележува малку зголемена бучавост од ретровизорите и од пневматиците, но сигурни сме дека со подобри гуми оваа забелешка во голем дел би се надминала.

Вистински Mage во вистинско време

И да, Mage PHEV пристигнува на пазарот во вистинско време. Интересот за плаг-ин хибридните возила е сè поголем, а би додале и дека возилата со ваков погон се одличен избор за оние кои сакаат да возат на струја, а не се подготвени да го направат чекорот кон целосно-електричен автомобил.

Всушност, како што кажавме на самиот почеток – ова е и понатаму истиот оној добар Mage кој веќе добро го познаваме, но поради новиот погон – сега е уште помоќен и поефикасен.

Спецификации

Модел: Dongfeng Mage PHEV E1
Погон: LFP батерија 17 kWh
1.5-литарски бензинец со 110 коњски сили
Преден електромотор – 118 коњски сили
Системски вртежен Момент: 580 Nm
Системска моќност: 230 коњски сили
Менувач: Автоматски 4DHT + CVT
0-100 км/ч: –
Максимална Брзина: –
Должина: 4650 mm
Ширина: 1905 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1630 mm
Тежина: 1700 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2775 mm
Багажен Простор: 525 – 1846 литри
Потрошувачка: ~2 литри на 100 километри
Цена на тестираниот модел: Dongfeng Mage PHEV E1 – 31.900 Евра
Гаранција 10 години, неограничено километри на погонскиот склоп
7 години, 300.000 километри на возилото
Повеќе Информации: Dongfeng Македонија
Поврзано:  Моќниот и незапирлив MHERO 817 вчеравечер ја имаше својата македонска премиера!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.