Иако новиот Tucson е ѕвездата на Hyundai во Париз, корејскиот производител го претстави и новиот Bayon кој сега има многу поробустен и самоуверен лик.
Покрај новиот Tucson, Hyundai во Париз има уште еден важен новитет – втората генерација на компактниот Bayon.
Новиот Bayon е поголем во секоја насока и ја применува Art of Steel дизајнерската филозофија на брендот. „Сегашниот Bayon е премногу сличен на i20. Го разбравме тоа и препознавме дека моравме да ги издвоиме овие два продукти, а тоа започна со дефинирање на Bayon како компактен SUV со различен, робустен карактер. i20 си останува i20.“ – изјави Eduardo Ramirez, европскиот шеф за дизајн на Hyundai.
И дизајнот на новиот Bayon го нагласува тоа. Новиот Bayon е „покутиест“ и посамоуверен од досега. Дизајнот ги нагласува острите, силни рабови и целиот дизајн навистина повеќе наликува на голем SUV, иако во суштина, Bayon е мал кросовер. Но не толку мал. Меѓуоскиното растојание е 20 милиметри подолго, а тоа овозможува и повеќе простор во кабината, подвижна задна клупа и повеќе модуларност и практичност во ентериерот. Багажникот е со капацитет од импресивни 440 литри!
Кабината добива големи екрани наменети за инструментите и инфозабавниот систем. За жал, не го добива Pleos оперативниот систем од новиот Tucson, но сепак добива целосно безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
На самиот почеток, Bayon ќе се нуди со 1-литарски турбо-бензинец кој ќе испорачува 90 или 115 коњски сили и ќе може да се комбинира со 6-степен мануелен или 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Понатаму ќе се нуди и хибриден Bayon со 138 коњски сили и 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.
Секако, тука е и неизбежниот Bayon N Line, кој добива поостар карактер благодарение на спортски детали, дискретно редизајниран браник, 18-инчни N Line тркала и други дизајнерски елементи. Задниот дел добива дифузер со интегрирани отвори за издувниот систем. Кабината добива специфични N Line материјали кои, како што кажуваат од Hyundai, го потенцираат спортскиот и премиум карактер на Bayon N Line.
















