ТЕСТ: Kia EV2 Standard Range 42.2 KWh Earth – Вовед во струјата кај Kia – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia EV2 Standard Range 42.2 KWh Earth – Вовед во струјата кај Kia

Малата Kia EV2 е вовед во електричната гама кај корејскиот производител. Но EV2 наметнува еден интересен заклучок – а тоа е дека најмал електричен автомобил не значи и најмалку електричен автомобил.

Kia има цела гама на електрични автомобили – од малиот EV2, сè до огромниот EV2. Па одлучивме дека ќе ги фатиме работите „по ред“ и прв на распоред е малиот, електричен EV2.

EV2 воопшто не изгледа како мал автомобил

На прв поглед, EV2 воопшто не изгледа како мал автомобил. Кон тоа најверојатно намногу придонесува „кутиестиот“ дизајн, но и деталите кои се исфрлени далеку кон крајните граници на каросеријата – од предните и задните светла, па сè до тркалата кои се турнати кон предниот и задниот дел. Сето тоа му дава на малиот електричен автомобил посамоуверен, поробустен став.

Кон сето тоа придонесуваат и интересните, несекојдневни детали. На предниот дел вниманието веднаш оди кон вертикално-поставените предни светлосни групи со интегрирани дневни светла, додека профилот е дефиниран со чисти линии и робустни заштитни пластики околу тркалата.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон задните светла кои се поставени ниско и широко, повторно со цел да ја нагласат просторноста на EV2.

400-волтна E-GMP архитектура

Инаку, EV2 е најмалиот електричен автомобил на Kia, но е поставен на E-GMP платформата на Hyundai Motor Group, која се користи за значително поголеми и поскапи автомобили. А тоа значи дека добива технологии кои ги добиваат поголемите и поскапи автомобили – од ефикасно и брзо полнење, па сè до „обратно полнење“, односно можете да го користите EV2 за да напојувате други уреди.

Под подот се крие LFP батерија со капацитет од 42.2 kWh, која пак овозможува одлична автономија до 320 километри во комбинирани услови, односно повеќе од 400 километри во град. И навистина, за време на неколкудневното тестирање и самите се уверивме во тоа – воглавно во град, EV2 лесно стигна до безмалку 400 километри со едно полнење, односно трошеше околу 11.5 kWh на 100 изминати километри.

Поврзано:  Новиот Kia XCeed - динамика, технологија и комфор во совршен баланс

На обичен AC полнач, EV2 се полни со максимални 11 kW, односно дури 22 kW кај оваа поопремена верзија. Тоа значи дека батеријата лесно се полни преку ноќ, односно за само два часа на „евтина струја“ дури и преку ден. На брз полнач се полни со максимални 118 kW, односно полнењето од 10 до 80% трае нешто помалку од половина час.

Задолжен за задвижување на EV2 во случајот е електромотор кој испорачува 147 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, кои секако ги испорачува „од нула“ – а тоа значи дека бенчмаркот од 100 километри на час се достигнува за само 8.7 секунди, додека максималната брзина е 161 километар на час. Но во суштина, бидејќи EV2 „живее“ за градот и градското возење – поважни се забрзувањето до 50 километри на час и семафорското гран при. 50 километри на час пристигнуваат за само 3.1 секунда!

А кога веќе спомнавме дека EV2 живее за градот, како е да се живее со EV2? Првиот впечаток е дека EV2 навистина импресионира со опипливиот квалитет во кабината, и тоа ќе го препознаете само што ќе седнете во возачкото седиште. Сите материјали се фини и квалитетни на допир, атмосферата е современа и комфорна, а во малиот EV2 доминираат технологиите. Ни се допаѓа дека дизајнерите на Kia одбрале светли материјали кои прават атмосферата во EV2 да е значително попријатна.

Комфорна кабина со многу простор и многу, многу технологии.

Пред возачот еп оставен огромен панел наменет за инструментите и инфозабавните функции. Инструментите пред возачот се јасно прегледни и читливи, а на централниот екран релативно лесно се пристапува кон сите функционалности. Ќе забележиме дека од точка на возачот, малку се скриени командите за клима-уредот кои се на едниот дисплеј, но тоа е работа на која лесно се навикнавме. Имаме мала забелешка и на поставеноста на прекинувачите за греење на седиштата и на управувачот – поставени се веднаш до внатрешните рачки за вратите, па неретко ни се случуваше при излегување да го вклучиме греењето на седиштата или на управувачот. Практично во зима, признаваме, но во лето.. Не баш.

Поврзано:  Официјално стартуваше продажбата на Kia Seltos

Под централниот екран има физички кратенки до најважните функционалности, додека под нив се отворите за вентилација и физичките контроли за клима-уредот. Благодет. Најдоле на централната конзола се поставени USB-C приклучоци, додека меѓу возачот и совозачот има централен наслон и голем простор за оставање ситници.

Инфозабавниот уред е одличен – реагира брзо и подготвено на сите команди, а и интерфејсот е релативно интуитивен. Секако, има безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување, но и вградениот оперативен систем ги има сите потребни функционалности. Меѓу другото, секогаш „води сметка“ каде е најблискиот полнач.

Она кое изненадува е просторноста на задната клупа. Дизајнерите на Kia посветиле многу внимание на максимизирање на просторната понуда, па на задната клупа во EV2 е како во класа поголем автомобил. Има повеќе од доволно простор како за нозете, така и за главите, па двајца патници ќе патуваат комфорно. За тројца е веќе тесничко. Од друга страна, има отвори за вентилација и за задните патници, нешто што недостасува кај многу автомобили од овој сегмент.

Голем е и багажникот, односно со капацитет од одлични 362 литри со исправени седишта, односно дури 1201 литар со преклопени, малиот EV2 е на самиот врв во сегментот.

И како е да се живее со EV2?

Океј, и како е да се живее со EV2? Изненадувачки лесно. EV2 одлично се снаоѓа во градскиот метеж и низ урбаната џунгла се вози со максимална рафинираност. Маневрирањето е лесно, прегледноста е одлична а инженерите на Kia ја заслужуваат секоја пофалба за рафинираноста на погонот, но и на целиот автомобил. Нема никакво крцкање, никакви несакани звуци ниту пак несакани вибрации од подлогата.

Поврзано:  Новиот Seltos ја зајакнува понудата на Kia во Македонија

EV2 е одличен доказ дека „најмалиот електричен автомобил во понудата“ не мора да значи дека тоа е истовремено и „најмалку автомобил во понудата“.

Всушност, сето тоа нè носи до интересен заклучок. Kia EV2 покажува дека најмалиот електричен автомобил не мора веднаш да значи дека зборуваме за „најмалку“ автомобил. Богатата опрема, одличната ефикасност на електричниот погон и одличната просторна понуда се полн погодок за новите времиња. Особено за времињава со скапо, скапо гориво.

Спецификации

Модел: Kia EV2 Standard Range 42.2 KWh Earth
Батерија: 42.2 kWh, LFP
Погон: Еден електромотор, погон кон предните тркала
Моќност: 147 коњски сили
Вртежен Момент: 250 Nm
Менувач: Автоматски, директен
0-100 км/ч: 8.7 секунди
Максимална Брзина: 161 километри на час
Должина: 4060 mm
Ширина: 1800 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1575 mm
Тежина: 1650 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2565 mm
Багажен Простор: 362 – 1201 литри
Автономија: До 318 километри според WLTP (комбинирано)
Цена на основниот модел: KIA EV2 Standard Range Light – 29.950 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia EV2 Standard Range 42.2 KWh Earth – 34.950 Евра
Повеќе Информации: Kia.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.