Bentley официјално влегува во ерата на електричните возила со новиот Torcal, кој со должина од 5 метри е најкраткиот модел со четири врати во гамата.
Погонскиот систем користи два синхрони електрични мотори на двете оски и се нуди во две верзии. Стандардната изведба има 821 коњски сили, 1194 Nm вртежен момент и забрзување од 0 до 100 км/час за 3,4 секунди, додека Torcal S изведбата доаѓа со 888 коњки сили, 1350 Nm вртежен момент, и забрзување до 100 км/час за само 2,9 секунди.
Автомобилот е поставен на 800-волтна архитектура со 113 kWh батериски пакет кој обезбедува автономија до 600 км според европскиот WLTP циклус. Поддржано е ултра-брзо DC полнење со моќност до 400 kW, кое може да ја наполни батеријата од 10% до 80% за помалку од 16 минути. Батеријата исто така доаѓа и со 10-годишна гаранција (или 160.000 км, што дојде прво).
Шасијата за првпат кај Bentley користи целосно активна воздушна суспензија и стандардно управување на сите четири тркала.
За сопирање се грижат стандардни челични дискови со пречник од 420 мм напред, додека опционалните керамички дискови со пречник од 440 мм напред се едни од најголемите сопирачки дискови монтирани на сериски автомобил во светот.
Внатрешноста нуди комбинација од закривени OLED екрани, дигитални ретровизори и традиционални физички контроли изработени од метал. За првпат се користат нови одржливи материјали како британска Мерино волна изработена во соработка со Fox Brothers.
Возилото поседува и 25 сензори и камери за напредни системи за поддршка како и четири врати со сопствени радари кои автоматски се отвораат и затвораат.
Производството на Bentley Torcal ќе се одвива во матичната фабрика во Англија а почетната најавена цена во Велика Британија изнесува околу 207.000 евра за стандардниот модел, односно 240.000 евра за Torcal S. Првите испораки до клиентите се закажани за вториот квартал од 2027 година.




















