ТЕСТ: Kia Stonic 1.0 T-GDI DCT Ultimate – Нов лик, нови технологии и докажани вредности. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Kia Stonic 1.0 T-GDI DCT Ultimate – Нов лик, нови технологии и докажани вредности.

Kia подготви темелно освежување за Stonic, со кое малиот кросовер ги добива сите најнови технологии кои корејскиот бренд ги има во своето портфолио. Па каков е новиот Stonic?

Kia Stonic за прв пат сепојави на пазарот во 2017 година и се наметна како интересен, современ и рационален избор, а со опремата и технологиите успеа да биде конкурентен и со значително поскапи брендови и модели. Низ годините, Stonic помина низ неколку освежувања кои имаа задача да го освежат малиот кросовер и да ја одржат неговата конкурентност. Но сега, Kia подготви навистина темелно освежување.

Дизајн од поголемите модели на Kia.

Stonic никогаш не беше наметлив модел, но ќе призннаеме дека ниту пак бил конзервативен или здодевен – и слична приказна добивме и со најновото, значително потемелно освежување. Stonic го следи најновиот дизајнерски јазик на Kia – а тоа значи самоуверен преден дел со комплексни предни светлосни групи инаметливи LED дневни светла. Предниот браник е длабок, а дизајнерите на Kia очигледно внимателно работеле на тродимензионалноста на формите на Stonic.

Профилот е воглавно неизменет, но сепак препознаваме нови тркала и понагласени заштитни пластики колу целиот автомбоил. Нашиот тестен модел имаше и кровни носачи кои дополнително ја подобруваат практичноста – дури и кај компактен градски кросовер.

На задниот дел вниманието оди кон задните светла кои (очекувано) се инспирирани од поголемите модели на Kia.

Формата е комплексна и слоевита, а исто како и на предниот дел, Stonic добива ревидиран заден браник со понагласени и посамоуверени форми. Сè на сè – освежениот Stonic е навистина… Нов!

Океј, а внатре?

Темелниот пристап на Kia продолжува и во кабината. Секако, Kia традиционално нуди многу опрема и многу врвни технологии, дури и кај помалите модели. Се седи комфорно и прегледно, со нијанса повисока возачка позиција која му прилега на еден кросовер. Она што е интересно е дека Kia повторно презема детали и елементи од поголемите и поскапи модели – па Stonic добива нов управувач, нови дигитални дисплеи и целосно нов пристап кон секојдневното користење.

Поврзано:  Новиот Seltos ја зајакнува понудата на Kia во Македонија

На арматурната табла е поставен огромен панел кој го сочинуваат два 12.3-инчни екрани – еден поставен пред возачот, наменет за инструментите и информациите околу возењето, другиот наменет за инфозабавниот систем и сите други функционалности. Сепак, ќе ги поздравиме инженерите и дизајнерите на Kia – и покрај темелната дигитализација, има и неколку физички контроли за полесно пристапување кон и користење одредени функционалности.

Некакви посебни забелешки за технологиите немаме, но ќе забележиме дека Stonic нема безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување. Ако сакате да ги користите овие системи – ќе морате преку кабел. Ќе забележиме и дека некои од пластиките кои се „пониско“ во кабината се цврсти, но не се неквалитетни. Од друга страна, Stonic добива нови, современи USB-C приклучоци.

Патниците на задната клупа ќе имаат доволно простор, но не би препорачале на задните седишта да седат тројца. Седењето на задната клупа е комфорно, а патниците добиваат и два USB-C приклучоци, но за жал нема отвори за вентилација на задната клупа. Дали и колку ова ви значи, одлучете самите.

Од друга страна, Stonic има изненадувачки голем багажен простор. Преку петта врата се пристапува кон багажен простор со правилна форма, со капацитет од (за сегментот, секако) одлични 352 литри. Преклопете ги задните седишта и на располагање имате 1155 литри багажен простор.

1-литарски турбо-бензинец, автоматски менувач и 100 коњски сили.

Со неодамнешното освежување, Kia одлучи да пензионира дел од постоечките бензинци, а тоа значи дека Stonic сега се нуди само со новиот 1-литарски T-GDI турбо-бензинец со три цилиндри. Малиот турбо-бензинец е изненадувачки агилен – испорачува 100 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 172 Nm вртежен момент од само 1500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен автоматски DCT менувач со двојна спојка. Официјалните бројки зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 12.1 секунда и максимални 179 километри на час.

Поврзано:  Новиот Seltos ја зајакнува понудата на Kia во Македонија

Во реалноста, малиот турбо-бензинец подготвено „врти“ и испорачува перформансии и ниту во еден момент не се чувствува некаков нагласен недостаток на сила. Дали би сакале уште 20-тина коњски сили? Секако, не би биле на одмет – но во секојдневно возење 1-литарскиот T-GDI лесно го задвижува Stonic, без притоа да биде нешто особено „жеден“ – измеривме просечна градска потрошувачка од околу 7.5 литри на 100 изминати километри.

Практичен и маневрабилен низ град.

И каков е Stonic по градските улици? Вистината е дека Stonic одлично се снаоѓа во урбаниот метеж. Малиот турбо-бензинец е подготвен за семафорското гран при, а суспензијата е прилагодена да ги впива нерамнининте од улиците. Изненадувачки, Stonic е нагоден да биде и забавен за возење, па суспензијата успева да биде и доволно цврста за да го понуди тоа. Океј, океј, не треба да очекуваме нагласени спортски перформанси, но Stonic одлично ја одржува рамнотежата меѓу комфор и динамичност.

На автопат и при автопатски брзини Stonic е онаков каков што и очекувавме – комфорен и релативно тивок. При силно притискање на педалата за гас, бензинецот го нагласува своето присуство и станува погласен, но сепак – тоа не е ништо неочекувано со оглед на сегментот во кој се натпреварува Stonic.

Заклучок? Stonic е искрен со своите амбиции.

Stonic не се обидува да биде нешто што не е, и игра на неговите сигурни адути. Привлечниот дизајн, ревидираната кабина и современите технологии, во комбинација со ефикасниот но моќен турбо-бензинец го прават да биде интересен избор. Дали има конкуренти? Секако, но името Kia значи нешто на нашиот пазар, а Stonic е веќе познат автомобил во Македонија. Со освежувањето, сега е уште поинтересен.

Поврзано:  Новиот Seltos ја зајакнува понудата на Kia во Македонија

Спецификации

Модел: Kia Stonic 1.0 T-GDI DCT Ultimate
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 172 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 12.1 секунди
Максимална Брзина: 179 километри на час
Должина: 4165 mm
Ширина: 2025 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1520 mm
Тежина: 1165 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2580 mm
Багажен Простор: 352 – 1155 литри
Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Kia Stonic 1.0 T-GDI MT6 Concept – 21.200 Евра
Цена на тестираниот модел: Kia Stonic 1.0 T-GDI DCT Ultimate – 24.200 Евра
Гаранција 7 Години
Повеќе Информации: Kia.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.