Малиот MG Go! е најава за компактен електричен автомобил кој ветува многу градски фраерлук во комбинација со врвни технологии.
Финалната верзија ќе оди во сериско производство веќе следната година, а од MG кажуваат дека сакаат да го позиционираат Go како забавен, модерен автомобил а не како буџет-ориентиран модел. И ова всушност ги најавува и амбициите на MG за иднината на брендот во Европа.
Сега за сега нема технички детали околу концептот, но знаеме дека е помал од тековниот MG 3. Според тоа, можеме да претпоставиме дека MG подготвува директен конкурент на одлично-прифатениот Renault 5. Дополнително, од MG најавуваат дека формата и духот на концептот се блиски до серискиот автомобил кој ќе пристигне на пазарот следната година. Океј, тоа значи дека најверојатно нема да го добиеме агресивниот бодикит. Додаваат и дека дизајнот кој го гледаме тука е серискиот автомобил, но „дотеран за Goodwood“.
Инаку, Go е дизајниран вo дизајн-центарот на MG во Лондон и од самиот старт е замислен и развиен за европските купувачи.
Познавачите веднаш ќе препознаат инспирација од MG Metro Turbo и Metro 6R4 кој своевремено се натпреваруваше на WRC. Секако, иако MG сега има нови сопственици, има и огромно наследство на кое може да се наврати – и тоа и го прави!











