Не очајувајте, BMW не се откажува од бензинскиот M3, но новиот концепт покажува како ќе изгледаат моделите со високи перформансите на баварците во иднина.
„Дизајнот се среќава со перформансите“ – кажуваат од BMW. И тоа кажува многу. Всушност, ова е визијата на Минхен за електричната иднина на М-дивизијата. Концептот е базиран на новиот i3 од Neue Klasse кој ние го видовме пред неколку месеци во Минхен – но секако, интерпретацијата е многу, многу поекстремна.
И на прв поглед, изгледа навистина агресивно, но истовремено и прилично резервирано. Огромните предни отвори за насочување на воздухот и светлата ставени во самите краеви на предниот и задниот браник веднаш ја нагласуваат врската на BMW со спортот и трките, а широко-исфрлените крила кажуваат дека овој автомобил крие вистински перформанси.
Во ред, во ред, BMW во моментов не објавува ништо околу перформансите, но познавачите зборуваат за бројки меѓу 700 и 1000 коњски сили благодарение на четири независни електромотори, кои пак ќе се хранат од батерија со капацитет од над 100 kWh.
Ентериерот е минимизиран и фокусиран кон врвно возачко искуство. Забележуваме четири нови спортски седишта кои ќе нудат поддршка во сите услови. Користени се напредни материјали, но и врвна Nubuck кожа на управувачот и на уште неколку места.
Арматурната табла е обложена во плетен материјал со специфично заднинско осветлување, а црвените и сини детали потенцираат дека ова е навистина М-автомобил.
Мускулестата форма и ниската, широка силуета секако сугерираат одлично возачко искуство, но останува да видиме. Сега за сега, ги имаме само фотографиите и ветувањата од BMW. А ветуваат многу.


















