ПРЕМИЕРА: GRMN Corolla добива на екстремност, губи на седишта – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: GRMN Corolla добива на екстремност, губи на седишта

Toyota ја претстави уште поекстремната GRMN Corolla која добива надградби фокусирани кон врвни перформанси на тркачките патеки, а за сметка на тоа ги губи задните седишта.

Со лансирањето GR како засебен бренд, Toyota продолжува да го зајакнува имиџот на значката. Во ред, GRMN Corolla не е модел на новиот бренд, како што е GR GT, но се препознаваат експертизата и вниманието кое се посветени и на најекстремната верзија на жешкиот хечбек. Инженерите на Toyota ја „дотеруваа“ GRMN Corolla на Nurburgring во Европа, но и во Super Taikyu Series шампионатот на домашен терен, а резултат на сето тоа е поагресивен и пофокусиран автомобил.

Во ред, а што значи сето тоа? Па GRMN Corolla добива редизајниран поклопец на моторот, нови отвори за воздух на предните крила, како и редизајниран преден браник со мали крилца наменети за насочување на воздухот. Задниот дел добива поголем прилагодлив спојлер. Во однос на механичките измени, GRMN Corolla добива подобрени амортизери, нови пружини и супер-лепливи Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици, како и нови тркала.

Моторот и понатаму испорачува 300 коњски сили, но сега наместо 400 испорачува 415 Nm вртежен момент, а добива и систем за прскање и ладење на интеркулерот. Тежината е намалена за 30 килограми благодарение на карбонскиот поклопец на моторот и извадените задни седишта. Предните седишта се нови и изработени од специјален полимер, а кабината добива и детали од карбон и управувач обложен со алкантара. Како што доликува, GRMN Corolla ќе се продава само со мануелен менувач.

И жал ни е само за една работа – за автомобил кој е тестиран и развиван на Nurburgring (и дури го носи името на Зелениот Пекол во ознаката GRMN – Gazoo Racing Masters of Nurburgring), навистина е штета што нема да се продава во Европа.

Поврзано:  Јубилејното, 25-то издание на AUTOBEST наградите се одржа во Виена!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.